Филмови од Берлин и во македонските кина

“Grand Budapest Hotel”, новото остварување на култниот режисер Вес Андерсон, со кое се отвори 64тиот Берлински филмски фестивал, домашната публика ќе има можност да го погледне од 6 март.

Berlin-film-festival2

Приказната за филмот “Grand Budapest Hotel” се случува во имагинарниот, раскошен хотел, некаде во источна Европа, каде што се преплетуваат живописни карактери и нивната љубов и омраза, а главните улоги ги толкуваат прекрасните актери: Ралф Фајнс, Едвард Нортон, Џуд Лоу, Адриен Броди, Бил Мареј и Тилда Свинтон. “The Grand Budapest Hotel” е снимен во британско – германска продукција.

Од ненатпреварувачката програма на Берлинале можеме да го издвоиме и филмот „Чувари на наследството“ (The Monuments Man), чиј режисер е Џорџ Клуни, кој и глуми во истиот филм. Покрај него, во акцијата која се одвива на крајот на Втората Светска Војна играат и Мет Дејмон, Бил Мареј, Џон Гудбам и Кејт Бланшет. Филмот „Чувари на наследството“ ќе биде прикажан надвор од натпреварувачкиот дел на фестивалот, а публиката во Македонија ќе има можност да го погледне веќе од следната недела, поточно од 13 февруари.

Француската актерка Леа Сејду покрај епизодната улога во филмот “Grand Budapest Hotel”, глуми и во прекрасната француска фантазија „Убавицата и ѕверот“ на Кристофер Ганс, кој ќе го затвори ненатпреварувачкиот дел на Берлинале, а со тоа воедно ќе ја доживее и својата меѓународна премиера. Во нашата земја, во кината, публиката ќе го гледа Вансен Касел во улогата на ѕверот и талентираниот Леу во екранизацијата на една од најпознатите француски бајки, веќе од 20 март.

Перуанската режисерка Клаудија Љос чиј филм „Млекото на тагата“ ја освои наградата Златна Мечка во 2009 г. и беше номиниран за Оскар, премиерно ќе го прикаже своето најново остварување „Вистина“ во рамките на Берлинале. Филмот во кој глумат Џенифер Конели и Силијел Марф ја раскажува приказната за една мајка која е одвоена од својата ќерка, која е болна. Во рамките на Берлинале, Форест Витакер како поранешен затвореник и Харви Кајтел како шериф опседнат со одмазда, се сретнуваат во филмот „Двајца мажи во градот“, во режија на француско-алжирскиот режисер Рашид Бушареба. Дистрибутерската куќа МЦФ МКД овозможува и ова остварување да се најде на репертоарите на пролет.

Покрај бројните останати светски филмови за наградата Златна мечка ќе се натпреваруваат споменатите „Grand Budapest Hotel“ и „Вистина“ (Aloft).

You May Also Like