Ричард Галијано е национален уметник од најголем ранг на Франција, ги освоил трите најголеми национални награди што ги доделува Франција, почнувајќи од витез па до највисокото признание.
Ричард Галијано, францускиот виртуоз на хармоника ќе го отвори шестиот по ред „Фестивал на музика од светот“ кој од 6-ти до 8-ми ноември ќе се одржи во Битола. Галијано ќе настапи заедно со светски познатиот “Тангарија Квартет“ од Франција. Нивната музика е комбинација на Ј.С. Бах, тангото, валцерот, самбата и салсата.
„Ричард Галијано е национален уметник од најголем ранг на Франција, ги освоил трите најголеми национални награди што ги доделува Франција, почнувајќи од витез па до највисокото признание.
Добитник е на три значајни награди за најдобар џез-албум во 1997 и во 1998 година, а во 2014 година за најдобар композитор на класична музика. Последните години има потпишано договор и е дел од “Универзал корпорацијата“ во сфeрата на класичната музика“ – рече Борче Димитровски, директор на Центарот за култура.
Втората фестивалска вечер е резервирана за групата „Фолтин“ и за истанбулскиот диџеј со македонски корени Али Дојран, кој пред присутните ќе се претстави во битолското кафуле „Хаус Бар“ на Широк Сокак. Последната вечер од фестивалот во култното место за битолчани „Порта Џез“ свој настап ќе има Јасмина Беличанска квартет.
Фестивалот е во организација на Центарот за култура од Битола а под покровителство на Министерството за култура. Селектор на програмата на „Фестивал на музика од светот“ е Оливер Јосифовски.