Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска, денеска (30-ти март 2012 година) во Загреб, Хрватска, оствари билатерална средба со хрватската колешка Андреа Златар-Виолиќ. На средбата, двете министерки за култура разговараа за досегашните односи во областа на културата, како и за активностите кои во следниот период ќе бидат преземени во насока на продлабочување на контактите на културен план.
– Соработката на културно поле со Република Хрватска постои во сите дејности. Потпишаната Програма за културна соработка која е за периодот 2012-2015 година само ја потврдува одличната соработка и верувам дека истата ќе придонесе за афирмирање на културата на двете земји како и за дополнителен развој на заемната соработка меѓу институциите и соодветните здруженија од сите области на културата и уметноста, истакна Канческа-Милевска.
Таа нагласи дека годинава македонската култура во Хрватска ќе биде промовирана преку повеќе културни содржини, меѓу кои се и претставувањето на Прилепскиот театар на фестивалот „Еуроказ 2012“ во Загреб, потоа Македонската филхармонија ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Дубровнички летни игри“ во Дубровник, изложбата „Синестезија“ ќе биде претставена во Ровињ и Пула“, ќе биде реализирано претставување на изложбите „Невидливи пејзажи“ и „Пресек на современата македонска ликовна сцена“ и други настани. Канческа-Милевска потсети дека Министерството за култура и годинава ги поддржа активностите на здруженијата на Хрватите во Република Македонија, Македонско-хрватското друштво „Марко Марулиќ“ во Битола и Здружението на Хрватите во Скопје.
Министерката за култура на Хрватска, Златар-Виолиќ посочи дека денешната прва билатерална средба не е само протоколарна, туку повод за вистинска културна соработка. Таа истакна дека од особена важност е и континуитетот во претставувањето на современата хрватска книжевност на македонски јазик, а посочи и дека е потребно поврзување на институциите и создавање копродукции со заедничка работа на уметниците за претставување во Европа.
По повод одбележувањето на 20 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Хрватска, денеска во Националната и универзитетска библиотека во Загреб беше промовирана капиталната едиција „130 тома македонска книжевност на англиски јазик“.
-Би сакала да го изразам моето огромно задоволство што овие 130 вредни дела од денеска се достапни за сите читателите на Националната и универзитетска библиотека во Хрватска, каде што грижливо се чуваат вредни артефакти на хрватската и светската книжевност. Во оваа прилика би сакала да изразам голема благодарност до директорката г-ѓа. Дуња Сеитер-Шверко, за големиот интерес и укажаното гостопримство за промоцијата на оваа наша публикација, истакна Канческа-Милевска на промоцијата, на која присуствуваа и македонскиот амабасадор во Хрватска, Данчо Марковски, како и амбасадорот на Хрватска во Македонија, Златко Крамариќ.
Канческа-Милевска денеска го посети и Музејот за уметности и занаети и оствари средба со директорот на институцијата Љубомир Гашпаровиќ. Во реномираната концертна сала во Загреб „Ватрослав Лисински“, вечерва предвидено е македонскиот пијанист Симон Трпчески заедно со загрепската филхармонија под диригентската палка на маестро Иван Репушиќ да одржи концерт насловен „Магичниот Трпчески“. На програмата е и делото „Фантазијата на две фолклорни теми“ – првиот став од Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери, кој и самиот со своето присуство се очекува да ја збогати балканската премиерната изведба.