Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (среда, 24 октомври) престојуваше во Прилеп каде заедно со митрополитот преспанско-пелагониски, господин Петар, градоначалникот Марјан Ристески и голем број верници беа поставени темелите на источниот конак на манастирот „Св. Архангел Михаил“ населбата Варош.
„Заштитата на ваквите споменици на културата е наша постојана грижа и досега преку надлежните институции беа направени многу зафати со кои се зачуваа вредни примероци од нашето богато културно наследство. Министерството за култура оваа, 2012година, издвои 3 милиони денари, средства наменети за реализација на првата фаза од реконструкцијата на манастирскиот конак на „Свети Архангел Михаил“, која опфаќа фундирање на темелите на конакот и поставување носечки столбови за понатамошна градба. Оваа фаза ќе биде завршена до крајот на декември годинава“, истакна министерката.
Според градоначалникот на општина Прилеп, поставувањето на камен-темелникот на источниот конак, започнувањето на изградбата на патот кон манастирот Трескавец, на патот до манастирот „Свети Димитрија“ во населеното место Селце и патот кој допрва ќе почне да се гради, а води до манастирот „Света Петка“ во Лениште ќе се овозможи поголем развој на манастирскиот туризам во градот Прилеп и во неговата околина.
Првата црква во манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ била изградена во 12 век, а потоа е доградувана во 13 и 14-от век. Во тремот на манастирската црква се вградени три антички столба, а врз еден од нив е вдлабен надгробниот натпис на епископот Андреја, кој потекнува од 996 година и е вториот најстар натпис пронајден во Македонија напишан со кирилско писмо. Убавината на манастирскиот комплекс ја надополнуваат манастирските конаци изградени во 1861 година кои се доказ за префинетото чувство на градителот за вклопување на овој комплекс во природниот амбиент.