Реконструкција на дел од галерискиот простор во МСУ

Галерискиот простор во горниот дел на Музејот на современа уметност (МСУ) со расположлив простор од 1.500 метри квадратни, ќе се реконструира и адаптира со средства од Министерството за култура. Со оваа санација ќе овозможи да се изложат вредни уметнички дела кои сега поради несоодветни услови се чуваат во музејските депоа. Се очекува Музејот по две години достојно да го одбележи својот педесетгодишен јубилеј.

МСУ денес беше посетен од страна на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која информираше дека зафатот ќе почне во мај и ќе заврши до крајот на годинава. Паралелно со реконструкцијата на големата галерија под стаклениот покрив на МСУ, ќе се конзервираат и делата од депоата што ќе бидат изложени во постојана поставка. Таа се очекува да биде конципирана и отворена во првата половина на 2013 година.

Во изработка е главниот проект со сите фази на изведба, а пред да се објави тендер ќе се знае и колку ќе чини санацијата и адаптацијата на просторот.   Министерката истакна дека проектот е во годишната програма и дека државата ќе ги покрие сите трошоци.

– Во депото има значајна збирка со над 5.000 дела од најразлични ликовни категории. Значајно е Република Македонија како држава да има постојана поставка на која тие дела ќе бидат пред очите на јавноста, изјави Канческа-Милевска.

Директорката на МСУ Елиза Шулевска истакна дека од 90-тите нема постојана поставка во нивните простории. Посочи дека галерискиот простор ќе биде оспособен за привремени изложби кои сега се поставуваат во партерниот простор под него, во салоните „Македонија“, „Скопје“ и „Пикасо“. Во нив ќе биде постојаната поставка на МСУ која е лична карта на секоја музејска установа.

– Во галерискиот простор немало интервенции, тој е  крајно девастиран и е тоа е тажно, но не грее помислата дека наскоро ќе светне во вистинска смисла на зборот и ќе стане дел од целокупниот објект, рече Шулевска.

Откако ќе се среди галерискиот простор, ќе се интервенира во салонот „Пикасо“, каде што ќе се заменат прозорците. Во двата други ќе има минимални зафати, затоа што веќе се уредени. Салонот „Македонија“ пред неколку години беше реновиран со донација на владата на Италија, додека салонот „Скопје“ е адаптиран по проект на Кокан Грчев.

МСУ има и видеонадзор и физичко обезбедување, а во последните четири години има 15 нововработени кои сега работат на конзервација на делата што се чуваат во депоата. Меѓу нив има и многу вредни слики од светски автори, како Пикасо, Вазарели, Хартунг и многу други светски познати имиња.

You May Also Like