Педесет години Македонски ПЕН центар

Во организација на Македонскиот ПЕН центар, денеска (среда, 21 март 2012 година) во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ беше одбележан 21 Март – Светскиот ден на поезијата. Со манифестација започнува одбележувањето на 50-годишнината на Македонскиот ПЕН,кое ќе трае во текот на целата година. Поетското читање му беше посветено на писателот Томе Момировски, кој почина вчера во Скопје.

Посланието на македонските поети годинава го упати академик Влада Урошевиќ, истакнувајќи дека поезијата од дамнешни времиња била сметана за сериозна работа, важна за државата, а поетите биле ценети и наградувани.

– Поезијата се помалку се чита. Списанијата во кои поезијата има свое место се помалубројни. Тиражите на книгите поезија паѓаат. Пред 50-тина години збирка на македонски поет беше објавувана во 2.000 примероци, а денес во 200 или 300 примероци, вели Урошевиќ.

Поезијата, се уште постои но нејзизниот животен простор станува видливо се потесен и потесен. Таа е како некој редок и загрозен животински вид кој за да преживее треба да се смести во резерват. Поезијата тешко се снаоѓа во овој нов свет и ја губи битката со многу посилните и поатрактивни медиуми кои, на своја страна ја имаат секој ден се поусовршената техника, додаде Урошевиќ.

Пред присутните свои стихови читаа Радован Павловски, Светлана Христова Јоциќ, Тодор Чаловски, Гордана Михаилова Бошњанковска.

You May Also Like