Реконструирана фасадата на битолскиот „Завод и музеј“

Министерството за култура и турската агенција ТИКА, вчера (петок, 28 декември) го промовираа првиот дел од големиот проект вреден над половина милион евра за реконструкција на Завод и музеј – Битола.

Турската агенција ТИКА за обнова на фасадите на музејот и за реновирање на вториот кат каде што е сместена спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк, издвои вкупно 300 илјади долари.

Министерката Канческа-Милевска со претставникот на ТИКА, Махмут Чевик, ја претставија пред јавноста реконструираната фасада во внатрешниот атриумски дел на музејот. Канческа-Милевска посочи дека Владата го спроведува проектот за обнова на фасадите во старите градски јадра на повеќе македонски градови, меѓу кои се и Крушево и Скопје, меѓу кои се вклучени и зафатите и во Музејот во Битола.

Министерството за култура во реконструкцијата на внатрешната фасада вложи 2,5 милиони денари.

Фасадата го доби автентичниот изглед со автентичната боја што постоела на самиот објект. Следната година, во согласност со приоритетите на НУ Завод и музеј ќе се продолжи со реновирање и на други фасади во Битола и ќе се реализира проект за реконструкција на Јени џамија“, изјави министерката Канческа-Милевска.

Од битолската локална самоуправа се најави учество во обновата на зградата на музејот. Градоначалникот Талески рече дека Општината ќе преземе активности за афирмација на овој проект со цел да се зголеми посетеноста на гости од Турција во градот.

Оваа година е регистрирана за 25 проценти поголема посетеност на Музејот и спомен – собата на Ататурк во споредба со минатата година.

You May Also Like