Вчера (петок, 28 декември) во Битола, беше промовиран нов простор за култура – Нова сцена, која заедно ќе ја користат националните установи Народниот театар и Центарот за култура.
Просторот е реконструиран за еден месец со средства доделени од Министерството за култура, а се промовираше во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која вчера работно ја посети Битола.
– Сакам да дадам позитивна оценка за функционирањето и менаџирањето на сите директори од областа на културата во Битола, нивната посветеност и се што направиле во изминатиот период. Реализирани се многу проекти и програмата што беше финансирана од страна на министерството, изјави Канческа Милевска.
Градоначалникот Талески посочи дека поголем дел од манифестациите на претстојниот фестивал „Битфест“ 2013 ќе бидат тукму во овој простор.