Утре започнува „Битола отворен град“

Утре, (вторник 23 август 2011 година) ќе започне десетото издание на  фестивалот Битола Отворен Град.

На отворањето во кафе бар „Камарите“ ќе можете да ја посетите изложбата на уметничка фотографија VIEWS – ВИДУВАЊА.

Авторката на проeктот VIEWS 2011 Јелена Павличиќ од Србија, преку фотографиите избрани на меѓународен конкурс успева умешно да одговори на тоа како индивидуите одговараат на колективните теми. Како делата од минатото зборуваат за сегашноста? Во која мера можеме да се препознаеме во културата на минатото?

Изложбата на уметничка фотографија „Видувања“ досега е претставена на публиката во Косовска Митровица, Белград и Скопје, а сега за прв пат оваа изложба ќе се промовира и пред публиката во Битола.

Во среда на Широк сокак ќе биде претставена изложбата на фотографија Волонтери во акција.

На фотографиите се прикажани движења, лица, групи, труд, задоволство, поддршка, забава или се она што претставува волонтерството. По Сараево, Битола е вториот град во регионот на Југоисточна Европа каде што изложбата ќе биде прикажана.

На плоштадот Магнолија со почеток од 21:00 часот ќе настапат бендовите June, Хипнополис и Zonna Territ.

Во четврток на Широк сокак е изложбата на уметничка фотографија d.ETAIL на Дражен Грујиќ. Дражен Грујиќ е графички дизајнер од Босна и Херцеговина, а веќе десет години се занимава со аналогна и дигитална уметничка фотографија. Изложбата „d.ETAIL“ e уште еден показател на неговиот извонреден талент кој успева да го спои сето она што е различно преку истакнување на деталите.

Кафе бар Камарите
22:00 часот Reggae night DJ Fokus & МС Vikaman – Зајечар, Србија
22:30 часот Face painting – Неда Николиќ, Србија

Широк Сокак кафе бар Instinct
21:00 часот DJ performance – DJ Kapalee Kpow & DJ Zeds – RDYO DJ Марибор, Словенија


Во петок во летниот клуб Positive, на Олимпискиот базен ќе настапат High Control, Промашена Инвестиција и ѕвездите на фестивалот С.А.Р.С. од Белград и Dubioza Kolektiv од Босна и Херцеговина.

С.А.Р.С. се бенд кој оствари голем успех со својот прв албум од кој голема популарност стекна хитот Буѓав лебац. Моментално се на турнеја на која го промовираат својот втор албум Перспектива. Заразната мешавина на реге, фолк, панк не оставаат никого рамнодушен.

Dubioza Kolektiv се препознатливо по звукот што претставува мешавина од реге, даб и рок-елементи, со текстови за толеранција, мир, соживот и разбирање и против неправдата и национализмот.

Формирани се во 2003 година, за преку музика да го искажат револтот од недостатоците на современиот свет и од системот во кој живеат. Во својата европска турнеја на која досега настапија во Италија, Словачка, Шведска, Австрија, Швајцарија, Холандија, Унгарија, Германија, Чешка, Полска и во повеќето балкански земји го промовираат својот петти албум 5 до 12.

You May Also Like