Првата регионална и национална конференција „Заштита на просторот за мирен јавен собир во Југоисточна Европа“ која ќе се одржи на 25 и 26 август 2014 година во Скопје во хотелот „Холидеј Ин“.
Оваа конфереција ќе овозможи претставниците на граѓанските организации од Балканот, претставници од ОБСЕ/ОДИХР, Европската унија, експерти и претставници на институциите, да ги истражат и дискутираат можностите и предностите поврзани со правните и практичните аспекти на примената на слободата на јавен собир во Југоисточна Европа. Постојната законска рамка и заштитните механизми кои го гарантираат правото на јавен собир во практиката ќе бидат разгледувани. Исто така, на конференцијата ќе се идентификуваат начините за подобра соработка помеѓу граѓанското општество, медиумите и властите, со цел унапредување на правото на јавен собир во регионот.
Конференцијата ја организира Реактор – Истражување во акција во соработка со Европскиот центар за непрофитно право (ECNL), ОБСЕ/ОДИХР, и е дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. Серија клучни говорници, вклучително и претставници од ОБСЕ/ОДИХР, ECNL, Уставниот Суд на Република Македонија, претставници на релевантни институции, како и проминентни организации на граѓанското општество од регионот ќе учествуваат на конференцијата. Конференцијата ќе се осврне на:
• Стандардите и практиките од областа на јавните собири, како и можностите за правна заштита;
• Експертски ставови за предизвиците кои произлегуваат од глобалните трендови од остварувањето на правото на јавен собир;
• Прецизен увид на потребите и перспективите на различните релевантни чинители; и
• Јавните собири во дигиталната ера: нови технологии за организирање и следење јавни собири.
Важна цел на конференцијата е да понуди можности за вмрежување и да поттикне дебата помеѓу учесниците од државите од Југо-Источна Европа и Македонија.