Денеска (26 јуни, четврток) во Галеријата на МКЦ во 21:00 часот ќе биде отворена изложбата на слики и цртежи од Иван Ивановски.
„Иван Ивановски ја слика и доживува нашата трошна физичка телесност, бојата на матрицата, раѓањето и виртуелното постоење. Делата се во форма на исповед, тие се интуитивно чувство на состојбите во околината, светот и меѓучовечките релации, поточно кревкоста на нашите односи.
Работата на Иван е афирмација на личен гест со одлучувачки манир. Таа се состои од крв и месо, го опишува човекот во детали, неговата осаменост, неговата меланхолија, неговата носталгија и некомпатибилност во матрицата. Но човекот само се стреми кон светлината и мирен свет.
Иван го слика изразот на подсвеста на луѓето и мистиката во околните предели , ова има врска со контрадикторните струи во неговата раскошна енергија, во служба на една супериорна реалност. Околу самите дела битно е да се споменат разнебитините и креативно преобликувани биолошки или човекоподобни состави, се наѕираат хаотични и еруптивно изведени наслојки на бои колажи и потези. Расфрлани платна од кои се ослободува суптилната енергија на боите.
Уметноста на Иван Ивановски би ја заокружил во здружување на надреалистички искуства, принципи на интуитивно апстрахирање и натуралистичка обработка на клучни детали во делата“ – ќе запише Горјан Ѓорѓиев.