Распишан конкурсот за наградата „Мостови на Струга“

Поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО годинава по 11-ти пат го распишаа конкурсот за интернационалната награда за дебитантска книга од млад поет „Мостови на Струга“ за 2014 година.

struski_veceri_na_poezijata(copy)

Авторите кои ќе испратат дебитантски книги не треба да бидат постари од 35 години. Најдоцна до 28 февруари, заинтересираните треба да испратат пет копии од книгата со која конкурираат, како и најмалку пет песни преведени на англиски јазик на адресата на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Македонија, struga@svp.org.mk) или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки.

Апликацијата може да се поднесе и во електронска верзија на адресата на СВП: struga@svp.org.mk, при што книгатa треба да биде во електронски формат, а печатената верзија на книгата да пристигне на адресата на СВП најдоцна до 5 март.

Лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата, 21 март, а ќе добие статуетка, паричен износ и објавување на книга на поетот–лауреат во превод на македонски.

Поетот–лауреат ќе биде поканет да учествува на изданието на Струшките вечери на поезијата на крајот на aвгуст, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

You May Also Like