Владимир Мартиновски за „Зоон поетикон – Аспекти на современата македонска поезија“ и Александар Кујунџиски за стихозбирката „И строфите растат“ се добитници на наградите „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи и „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за 2013 година што ги доделува Друштвото на писателите на Македонија.
Поетесата Делвина Крлуку со стихозбирката „Заливи на осамата“ е наградена со „Книжевен мост“, што се доделува за најдобра книга објавена на јазиците на националностите во Република Македонија.
Членовите на жири-комисијата за доделување на наградата „Димитар Митрев“, професорите Јелена Лужина и Илија Велев и Јовица Тасевски-Етернијан, откако ги разгледале сите 11 книги, едногласно одлучиле наградата да му припадне на Владимир Мартиновски за „Зоон поетикон – Аспекти на современата македонска поезија“, издание на „Кликер книги“ од Скопје.
– Книгата на Мартиновски се издвојува по својата проблемска/тематска кохерентност, по автентичноста и аргументираноста на критичкиот дискурс, по култивираноста на есеистичкиот пристап, по искучителниот сензибилитет кон македонскиот поетски феномен и по високите техничко-графички стандарди кои потврдуваат дека секоја книга треба да се препознава/наметнува и како естетски предмет по себе, рече Лужина.
Според Мартиновски, оваа награда радува и обврзува.
– Се обидов да посочам на некои значајни аспекти на современата македонска поезија. Книгата настануваше подолг временски период, текстовите се пишувани во различни прилики, а дел од нив и се презентирани. Дел се научни студии, есеи, пригодни текстови…, рече Мартиновски.
Жири-комисијата за доделување на наградата „Ванчо Николески“ во состав Александар Поповски, претседател, Драгица Најческа и Виолета Танчева – Златева, членови, едногласно одлучиле од пристигнатите седум книги наградата да му припадне на Александар Кујунџиски за стихозбирката „И строфите растат“.
– Се работи за свежа поезија напишана по вкус на современиот мал читател. Таа ја слави пред се играта и разиграноста, својствена за децата и блискоста со животинскиот свет. Особено освојува со својата басновитост и со лесниот ненаметлив хумор. Преполна е со разигран ритам и со спонтани рими, рече Најческа.
Кујунџиски (1 октомври 1946 година во Пехчево) има објавено над 100 наслови за деца и возрасни. Досега ја нема добиено оваа награда.
За себе рече дека пишува кратко, концизно, лапидарно, понекогаш обоено со езоповски јазик, а почесто со доза на хумор и сатира.
Жири-комисијата за доделување на наградата „Книжевен мост“, Али Алиу, Бранко Цветкоски и Јусуф Едип, исто така едногласно ја донеле одлуката да се награди стихозбирката „Заливи на осамата“ на Делвина Крлуку. Ова е четврта книга на Крлуку, во издание на „Јосиф Багери“ од Тетово, објавена на албански јазик.
– На мотивско-тематски план стихозбирката покажува изразита хомогеност и специфики кои сведочат за автентично поетско писмо, остварено на завидно естетско рамниште. Поголемиот број на песните во книгата се напишани при престојот на авторката во Германија, па оттука и поднасловот „Германски поетски дневник“, рече Едип.
Делвина Крлуку има 28 години, работи на ДУТ и досега има објавено пет книги.
Наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 13 февруари.