Ликовен хепенинг за спас на Земјата

Градската библиотека „Браќа Миладиновци” на 22 април (вторник), 2014 година – Меѓународен ден на Мајката Земја, точно на пладне (12 часот), се приклучува кон светското одбележување на Денот на Мајката земја.

planeta_zemja

Меѓународниот ден на Мајката земја промовира поглед на Земјата како субјект кој го одржува сите живи нешта кои се во природата и ширење на глобалната свест за меѓузависноста што постои меѓу луѓето и другите живи видови, како и нашата планета. Сите ние ја добиваме Земјата како целина и го имаме нашето место во неа. Хармонија со природата е идеата на овој настан и со активно учество на децата, како заштитници на Земјата, се дефинираше темата на ликовниот хепенинг – „Биди ѝ ти заштитник на планетата“.

Ликовниот хепенинг се организира во соработка со Центарот за едукација и креативност „Никулец Креатива“ и учениците од ОУ „Коле Неделковски“ Скопје. Настанот ќе се одржи во дворот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Пораките од хепенингот учениците ќе ги делат на минувачите, за ширење на идеата дека имаме само една планета за живот и треба да ја чуваме за нашите деца и за идните генерации.

Од настанот ќе биде испратена покана со список на активности за заштита на планетата во кои може да се вклучи и надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, активности кои ќе ги дефинираат самите учесници на хепенингот.

You May Also Like