Проширен булеварот „Борис Трајковски“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ вчера (01 мај 2013 година) ја отворија за сообраќај втората делница од проширениот и реконструиран булевар Борис Трајковски, кој во изминатиов период се градеше на потегот од крстосницата со булеварот Србија до влезот во поранешната фабрика „Стакларница“ во должина од 1.126 метри.

Ми претставува особено задоволство што денеска го одбележуваме успешното завршување на капиталниот проект за проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски, еден од најголемите проекти на Градот Скопје. Со проширувањето на овој дел, булеварот доби 4 коловозни ленти, по две во секоја насока, широки по 3,5 метри. Коловозот е асфалтиран со полимеризиран асфалт-бетон, на површина од околу 16.000 квадратни метри. По должината на оваа делница Градот Скопје уреди 2 семафоризирани крстосници. Од десната страна на коловозот е изграден тротоар покриен со бекатон-плочки, на ширина од 2 метри. Од левата страна на коловозот е изграден тротоар со велосипедска патека, на ширина од 4 метри. Проширувањето на коловозот на оваа делница беше искористено за да се постави атмосферска канализација во должина од 1.126 метри со променлив профил, од Ф 500 до Ф 800 милиметри. Постојниот армирано-бетонски мост над Усјанскиот канал беше реконструиран, со што тој доби 4 коловозни ленти со пешачка и велосипедска патека. Од двете страни на проширената делница се поставени 64 столбови за улично осветлување. Сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани за покажаното разбирање и трпението додека траеја градежните работи – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски потсети дека Градот Скопје во октомври минатата година ја отвори за сообраќај првата делница од проширениот и реконструиран булевар Борис Трајковски, кој што се градеше на потегот од „Рампа“ до крстосницата со улицата Народни херои во должина од 1.380 метри.

Со проширувањето, постојната тесна улица се трансформираше во булевар со 4 коловозни ленти широки по 3,5 метри. Во текот на проширувањето на коловозот на оваа делница беше поставена и атмосферска канализација во должина од 1.380 метри со променлив профил, од Ф 400 до Ф 600 милиметри. Со комплетното завршување на капиталниот проект за проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски, оваа прометна сообраќајница доби нов лик во вкупна должина од 2,5 километри и се реши деценискиот проблем со кој се соочуваа скопјани. На проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски работеа екипите на конзорциумот „Алпине Бау“ и Жикол од Скопје. Во проектот за проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски Градот Скопје вложи околу 4 милиони евра, пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој, како кредит, и од Буџетот на Град Скопје – нагласи градоначалникот Трајановски.

Премиерот Никола Груевски изрази задоволство што токму на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот завршува еден успешен проект во чија реализација беа вклучени многу работници.

Старата улица Првомајска која беше синоним за сообраќаен метеж остана во минатото, а сообраќајницата се трансформира во модерен и проточен булевар. Посакувам Градот Скопје да реализира уште многу успешни проекти – нагласи премиерот Груевски.

Градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ потенцира дека булеварот Борис Трајковски е главната сообраќајна артерија во општината Кисела Вода која овозможува директна врска со другите делови на градот, но и развој на индустриската зона во Пинтија.

You May Also Like