Промоција „Социјалното влијание на стрипот“

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, утре (петок) 28.10.2011 година, со почеток во 19:00 часот ќе организира  промоција на својата работа и  изданија, кои се  израз на повеќе од 10 годишно делување. Како најобемна активност досега секако треба да се спомене неодамнешното  9-то по ред издание на Меѓународниот салон на стрип со гости од : САД, Јапонија, Швајцарија и други земји.


Место на одржување: клубот ГЕМ-Скопје (арт кафе „МЕНАДА“) до Стоковна куќа „МОСТ“.

Во оваа промоција свое место ќе најде и социјалната примена на стрипот , конкретно подобрување на меѓуетничката комуникација преку стрип и ширење на стрип културата помеѓу разните етнички колективитети.

Според зборовите на Томе Трајков – културен оператор во Стрип центарот на Македонија-Велес , оваа асоцијација веќе подолг период, освен развој на македонската стрип култура, се бави и  со практична примена на можностите што како алатка ги дава стрипот. Имаме организирано неколку интеретнички работилници кадешто на едно место другарувале млади Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи и Срби. Стрип центарот на Македонија – Велес има имплементирано и неколку проекти  на социјална инклузија на Ромите преку стрипот. Ги регрутираме  првите млади цртачи – роми коишто во иднина сакаат посериозно да се бават со стрип .

Ослободени од секакви предрасуди, СЦМ –Велес на меѓународен план  овозможи  блиска соработка на македонската стрип сцена со  автори со сеуште неразвиената стрип сцена од Косово и Албанија .Тие за време на нашите активности без никаков проблем остваруваат пријателства со стрипаџии од Србија ,Грција,Бугарија, Хрватска  и други земји.

You May Also Like