Промоцијата на публикацијата „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“

Утре (вторник, 27.3.2012 година) со почеток во 11:00 часот во „Музејот на македонската борба за државност и самостојност“, министерот за култура Елизабета Канческа  Милевска ќе се обрати на промоцијата на петјазичното издание на публикацијата „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“ и ДВД-то со документарниот филм, посветени на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која во 2010 година се одржа во Охрид.

Петте изданија на публикацијата и на документарниот филм се подготвени со финансиска поддршка на УНЕСКО, во рамките на заедничката програма на Обединетите нации „Подобрување на меѓуетничкиот дијалог и соработка меѓу заедниците“. Оваа програма се спроведува од страна на УНДП, УНЕСКО и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Владата на Шпанија преку Фондот за остварување на милениумските развојни цели.

Претходно, во Музејот на македонската борба, ќе биде одржан и состанок на членовите на Извршниот одбор на Меѓународниот комитет за организирање на Tретата светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која ќе се одржи во Охрид, 2013 година. На состанокот ќе се дискутира околу преземените активности по завршувањето на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог (Охрид, 2010 година) и резултатите од истата, како и околу термините, форматот и темите за одржување на претстојната Конференција.

На средбата покрај домашните претставници на одборот, Елизабета Канческа – Милевска, министер за култура и претседател на Меѓународниот комитет, Никола Попоски, министер за надворешни работи, Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиските групи и Ѓоко Ѓорѓевски, амбасадор на РМ при Светата Столица, најавено е присуството на Н.Е. Јован Пелуши, Митрополит Корчански, Мато Зовкиќ во името на Н.Е. Винко Пуљиќ, Кардинал и Архиепископ Сараевски, д-р. Ларс Рајс, поранешен член на Парламентот на Норвешка, проф. Пол Мојзес од Роземонт колеџот од САД, проф. Мохамед Муфак Гега од Универзитетот Ал Ал Бејт од Јордан и Михаел Науснер, професор во Теолошкото училиште во Реутлинген, во Германија и Лу Влашо, почесен конзул на Република Македонија во САД.

You May Also Like