Осмото издание на манифестацијата „Танц фест“ ќе се одржи од 4 до 11 април во Скопје. Фестивалот ќе биде отворен со настап на врвни уметници од Холандскиот танцов театар на Големата сцена на МОБ.

– Годинашната програма на „Танц фест“ е извонредна. Ќе проследиме прекрасни кореографии, премиери, дел од творештвото на престижните светски имиња, како Јиржи Килиан и Ханс Ван Манен – изјави уметничкиот директор, Рисима Рисимкин.
Премиерата на „Орландо“, по романот од Вирџинија Вулф, во изведба на „Скопје танцов театар“ на 5 април, со што ќе се отвори сцената за современ танц Зебра, која е со 100 седишта. Претставата ќе биде одиграна и следниот ден (6 април). На 7 април, исто така на сцената Зебра, е „Хамлет машин“ на „ТКО -театар“ од Келн, Германија, на 8 и 9 април е премиерата на „Човек во ходникот“, работена во копродукција на „Скопје танцов театар“ и „ТКО – театар“, додека на 10 април во МКЦ е „Отело“ на БИТЕФ – театарот од Србија.
Фестивалот завршува со четири кратки изведби на афро-американците „Филаданко“ во МОБ.
„Танц фест“ годинава ќе додели две награди, националната „Менада“ на Гардимир Панков за врвни достигнувања во современиот танц и специјалната на сопственикот на „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, за поддршка на развојот на современиот танц. Фестивалот ќе врачи и едно признание за придонес за развојот на танцот во Македонија, кое, потенцира Рисимкин, досега не било практика, но заслужено, како долгогодишен балетски корепетитор ќе го добие педагогот Роска Бадева.
Покровител на „Танц фест“ и годинава е холандската амбасада.