Промоција на „Стрмоглаво кон височините” на Марта Маркоска во Струмица

Во понеделник (8 април 2013 година) во 19:30 часот во куќата на Арсови или позната уште како „старата турска пошта“ во Струмица, здружението за развој на култура и заштита на културното наследство КОНТЕКСТ – Струмица организира промоција на книгата поезија на Марта Маркоска, насловена „Стрмоглаво кон височините“.

„Стрмоглаво кон височините“ на Маркоска е добитник на наградата Ацо Караманов 2012 за најдобар поетски ракопис. Делото е во издание на 39-тите Караманови средби, а во реиздание на издавачката куќа „Магор“.

Во соработка со музејот на град Струмица промоцијата ќе се случи во сосема невообичаен амбиент, атмосфера која дополнително ќе ја разубави пролетната културна клима во градот и тоа во куќата на Арсови или „старата турска пошта“.

Секоја буква својата планина на грб си ја носи, секоја буква својата тежина, својата приказна или можеби една буква една планина, едно стрмоглаво искачување, со внатрешна игра на душата и умот со ветрот наспроти, со височините, со пејзажите, со воздишките.

Организатор и модератор на промоцијата ќе биде Митко Гогов, промотор ќе биде Борче Панов, писател, член на ДПМ и претседател на Караманови средби, додека ќе уживаме во стиховите, проследени со визуелно музички перформанс од самата авторка, Марта Маркоска.

You May Also Like