Признанија за спелео-нуркачката експедиција „Врело“

Вчера (петок, 3 август, 2012) на врвните светски нуркачи Луиџи Касати од Италија и Макс Ван Дер Мулен од Белгија им беа доделени специјални признанија за нивните научно-истражувачки активности во рамките на спелеонуркачката експедиција за подводната пештера „Врело“ во Матка.

Касати и Ван Дер Мулен ја предводеа годинашнава експедиција составена од интернационални стручњаци за спелеолошко нуркање од Белгија, Франција и од Италија, како и од македонските нуркачи и членови на спелеолошкото друштво „Врело“, Кире Ангелески и Бојан Петковски.

Во рамките на годинашнава спелеонуркачка експедиција, Касати и Ван Дер Мулен открија две нови подводни галерии, од кои што едната е на длабочина од 165 метри, како и директен пат во првата подводна галерија, кој во голема мера ќе го скрати патот на нуркањето во натамошните истражувања. Исто така, нуркачите при истражувањата се соочија со отежнати услови на терен поради заматеност на водата.

Касати во името на спелеонуркачата експедиција изрази голема благодарност до Градот Скопје за големата континуирана поддршка за научните истражувања на подводната пештера „Врело“.

Градот Скопје е главниот покровител на оваа експедиција, а од 2009 – 2012 година и најголем финансиер, со чијашто заслуга се постигнаа извонредните резултати, како во уредувањето на пристапот кон пештерата, така и во обезбедувањето на услови и опрема за нуркачите, коишто во 2010 година се спуштија на длабочина од 212 метри.

Признанието во името на Градот Скопје им го додели секретарот Гордана Клинчарова.

You May Also Like