Спомени од Павел Шатев во најновото издание на „Македоника“

„Македоника литера“ од Скопје го објави најновото издание на списанието „Македоника“ – двобројот 7-8, во кој, меѓу другото, објавува обемен извадок од досега необјавените спомени на Павел Шатев.


Интегрално спомените набргу ќе бидат објавени во посебно издание на „Македоника“, како еден од осумте тома од досега необјавената пишана, пред сè историографска, оставина на познатиот македонски револуционер и национален деец. Освен извадокот од спомените на Шатев, во списанието е објавен и текст на Предраг Димитровски за оставината на Шатев, но и за некои контроверзи поврзани со него.

Во овој број на списанието, за првпат на македонски јазик, е објавен и дел од најобемната и најбогатата книга досега напишана од странец за Македонија – книгата „Македонија – предел и култура на живеење“ од германскиот научник и истражувач на Македонија Леонард Шулце – Јена, кој Македонија темелно ја проучувал за време на Првата светска војна. Пригоден текст за Шулце – Јена има Волф Ошлис, кој авторот на книгата го нарекува „германски `откривач` на македонскиот јазик“.

Новото издание на списанието содржи уште дваесетина текстови кои тематски се поврзани со Македонија, а кои ги афирмираат современите македонски културни вредности, македонската културна историја, културно наследство, историја, етнологија, литература, јазик…

Во двобројот 7-8, текстови објавуваат и Мирослав Коуба од Чешка (проучувач на македонската преродба), Стефан Влахов – Мицов, Стојан Ристески, Науме Радически, Горан Калоѓера, Васил Тоциновски, Невен Радически, Димитар Љоровски-Вамваковски, Нове Цветаноски, Наташа Котлар – Трајкова…, а меѓу другото, се објавени и досега непознати документи кои се однесуваат на Македонија а потекнуваат од Архивот на Јосип Броз Тито, сознанија за грчката вооружена дејност во Македонија по Илинденското востание, за Пајсиј Хилендарски и Македонија, нови сознанија за дејноста на Жинзифов, една беседа од Григор Прличев, разгромот на либерализмот во Македонија, за нови библиографски објави на македонски теми итн.

You May Also Like