Утре вечер, (четврток, 19.04.2012) со почеток во 19:00 часот, Издавачкиот центар ТРИ ќе го промовира новото книжевно дело на еден од најчитаните македонски автори, Јагода Михајловска-Георгиева, збирката раскази „Дрско црвен кармин“. Промоцијата ќе се одржи во кафетеријата „Ил Кафе ди Рома“ на ул. Македонија.
Збирката раскази „Дрско црвен кармин“ на Јагода Михајловска – Георгиева, по успехот на романите „Каменот од Твојот ден“ („Рациново признание“ и три изданија) и „Индиго Бомбај“ („Роман на годината“ на Утрински весник и шест изданија), сите кај издавачот „ТРИ“, само навидум е нејзин прескок во друг жанр. Зашто всушност, таа, со децении пред тоа беше препознатлива како автор на куси раскази.
Со нејзиниот маркантен стил, со посегање по „ситен вез“ и особена вештина од „ништо да создаде нешто“, а тоа „нештото“ да биде секому блиско. Способноста да отвори поле за идентификација на читателот со книжевниот лик, особено со неговите внатрешни состојби, емоции, мисли и размисли, оваа писателка веќе ја има раскошно покажано и во претходните нејзини дела. Но, овде, во „Дрско црвен кармин“, таа оди уште подалеку и уште подлабоко. Од „колонската вода“ создава „парфем“. Густо, ударно и директно раскажува. Сеедно дали до солзи тажно, до врисок болно, до раскикотеност смешно, до нестварност чудно, притаено љубовно, или со нежност, небаре слика со акварелни бои.
Збирката е поделена во три циклуси од по девет раскази. Сите опфаќаат теми од секојдневниот, современ живот, а секој расказ е мини универзум, заокружена приказна за конкретни луѓе, на конкретни места, со конкретни судбини. Тоа се истите тие што ги познаваме, или токму себеси во нив се препознаваме. И без оглед дали дејствието се одвива во нашата домашна средина, или во некоја далечна земја, основната авторска линија останува непроменета: длабоко нуркање низ емотивно – психолошкиот свет на јунаците, здогледување на деталите и финесите што на прв поглед се недогледливи, суптилно нијансирање и остро, проникливо засекување на ткивото што е предмет на нејзината опсервација.
„Дрско црвен кармин“ е своевиден пиедестал за детаљот и негово набљудување под авторската лупа што „ситните нешта и луѓе“ ги прави да бидат видливи „со голо око“, опипливи, големи и значајни.