Почнува Фестивалот на античка драма Стоби 2012

Со претставата „Антигона“ на Националниот театар од Турција, вечер (сабота, 14 јули) во 21:00 часот на просторот на античкиот локалитет „Стоби“ започнува 11-от Интернационален фестивал на античка драма Стоби 2012. На програмата се шест  претстави, три странски и три македонски.


В среда ќе се прикаже премиерата на претставата „Архелаос“ на Драмскиот театар од Скопје, а на 21-ви јули ќе се одигра „Одбраната на Сократ“ од продукцијата „Театар на актерот“ од Македонија. На 23-ти јули ќе се одигра „Електра“ на Бени Нансен театар од Данска, а на 25-ти јули ќе се прикаже претставата „Комедија за лончето“ од ХНК Вараждин и како последна ќе се прикаже претставата „Медеја“ од Битолскиот театар.

Влезниците за претставите се 50 денари и може да се набават на билетарата на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, како и на самиот локалитет. Превозот и оваа година е бесплатен и тргнува од центарот на градот Велес во 20 часот, пред почетокот на претставите, кои ќе се одиграат од 21 часот.

Фестивалот ќе се затвори на 28-ми јули кога ќе бидат доделени и четирите награди за кои ќе решава тричленото жири од интернационален состав.

Како покровители на фестивалот и оваа година се Министерството за култура, општина Велес и Винаријата „Стоби“, а фестивалот вечер за отворен ќе го прогласи заменик министерот за култура на Република Македонија Драган Недељковиќ.

You May Also Like