Претставниците на Конгресната библиотека во Вашингтон вчера (17 април 2012 година) ја посетија битолската универзитетска библиотека. Беа импресионирани од нејзиното функционирање, како и со книжевниот фондот со кој таа располага. Целта на посетата е поврзување со библитекарите, но и да се презентира се она што е достапно преку Конгресната библиотека.
-Ние сме најголемата светска библиотека и најверојатно имаме најмногу материјал од Македонија надвор од земјата. Имаме повеќе од 5000 книги и публикации од Македонија. Пред една година не посети претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов и му покажавме неколку од неговите публикации, изјави за Тера телевизија Грент Харис, одговорен за Европската читална во вашингтонската Конгресна библиотека.
Предностите на дигитализацијата на библиотеките се големи, зашто материјалите се достапни секому и насекаде низ светот. Токму битолската библиотека ја има шансата да биде дел од Светската дигитална библиотека.
-Прв пат сум во Македонија, дел од мојата работа е да посетувам културни институции. Досега сме немале претставник од Македонија, се надевам дека со библиотеката од Битола ќе може да направиме да влезе во Светската дигитална библиотека, изјави Џејсон Јазнер, Светска дигитална библиотека.
Вчера, исто така беше потпишан преддоговорот кој е почетна фаза на оваа соработка.
-Не случајно гостите ја избраа Битола и оваа национална установа. Се што правевме досега на меѓународен план ни се врати со бенефит. Наскоро ќе бидеме првите членови од Македонија во Светската дигитална библиотека, изјави за Тера директорот Науме Ѓоргиевски.
Во план е да се испратат и вработени од битолската библиотека на тримесечна едукација во Конгресната библиотека во Вашингтон, со цел да се види тамошниот начин на работа.
– Во изминатиот период се остварени билатерални и мултилатерални средби со библиотеки во преку 40 држави во светот, со што значајно се промовира македонската култура на меѓународно ниво, и се промовира Битола како град, ни рече во телефонското јавување Анета Стефановска, одговорна за меѓународни односи во НУУБ „Св,Климент Охридски“.