Издадени шест дела од шведскиот класик Аугуст Стриндберг на македонски

По повод 100-годиниод смртта на бардот на шведската и скандинавската литература, и едно од најголемите имиња на светската литература од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век – Аугуст Стриндберг (1849-1912), „Македонска реч“ објавува избор од шест негови дела, првпат на македонски јазик, во превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ.

„Македонска реч“ неодамна ги објави првиот и вториот дел од автобиографскиот роман на Стриндберг – „Синот на слугинката“, романот „Селани од островот“, драмскиот текст „Пеликанот“, а наскоро и драмата „Игра на соништата“ и романот „Црвената соба“. Овој издавачки проект „Македонска реч“ го подготвува и ќе го промовира на претстојниот саем на книгата во Скопје, на кој се претставува со близу 60 новообјавени книги од минатогодишниот до овој саем. Меѓу другите изданија, „Македонска реч“ досега објави и седум драмски дела од Хенрик Ибзен.

„Синот на слугинката“ е првиот во низата големи автобиографски романи на шведската литература. Стриндберг – син на трговец и на слугинка – постојано бил контроверзна фигура. Се смета за еден од зачетниците на модерниот театар, а со драмите, романите и новелите си обезбедил место на најчитан писател на сите времиња во Шведска.Тој е главно субјективен роман со слободна обработка на автобиографската граѓа, во кој напоредно е даден и инспиративен и ретко успешен опис на една значајна епоха во шведската историја.

Романот „Селани од островот“ е едно од најпопуларните дела на шведскиот класик. Приказната за Карлсон и мадам Флод се одвива низ психолошки истенчена и драматуршки изострена визура, а претставува и здрав, хумористичен опис на животот во Стокхолмскиот архипелаг. Романот од првата до последната страница е пишуван со мајсторски стил, како добар пример за Стриндберговата јазична вештина, којашто низ целото дело се движи со континуирано несмалена и силна енергија.

„Пеликанот“ е едночинка која има необична логика и визионерска фантастична сила и која потсетува на драмски дела со мотиви од митовите и бајките. Но намерата на Стриндберг не била да ја поетизира или романтизира егзистенцијата, како во драмите со мотиви од бајките и приказните… Насловот на оваа пиеса произлегува од претстава во времето на Стриндберг, дека пеликанот им давал на своите младенчиња да цицаат крв. Стриндберг го превртува поимот и ја прави Мајката како искористувач што ги занемарува своите деца. Пиесата е пишувана од перспектива на децата. „Пеликанот“ е натуралистичка, експресионистичка и апсурдна драма, која ретко се игра во Шведска, но е една од најпоставуваните пиеси на Стриндберг во светот.

„Црвената соба“ е дебитантски роман на Аугуст Стриндберг, но едно од најпознатите и најпреведуваните негови дела. Првпат е објавен во 1879 и се смета за прв модерен шведски роман, за животот на еден млад човек во Стокхолм и неговите писателски соништа. Стриндберг опишува едно општество базирано врз тотална моќ на парите и мошне раширена корупција.

Драмата „Игра на соништата“ (1901), заедно со „Сенишна соната“ (1907), се смета за остварување што му претходи на експресионизмот.

__________________________________________________

Аугуст Стриндберг бил успешен во повеќе жанровски форми: пишувал романи, новели, песни, критики, козерии, сатири, писма, но највисоки дострели остварил во драмите, посебно во натуралистичките, како на пример во „Госпоѓица Јулија“ (1889), во која е посместен и предговор, значаен манифест на натурализмот, додека неговите драми „Игра на соништата“ (1901) и „Сенишна соната“ (1907) се сметаат за остварувања што му претходат на експресионизмот. Со овие дела Стринберг имал водечка улога и станува учител на онаа струја во литературата која прави радикален прекин со старото, струја која психолошки анализира и експериментира, и која влијаела на помладата генерација на преминот на столетијата.

„Не пишувам за да се викам поет, пишувам за да се борам.“ Така агресивно се изразил младиот Аугуст Стриндберг во едно писмо. Неколку месеци подоцна го објавил својот прв роман „Црвената соба“ (1879) – насловен според ресторанот во кој често се среќавал со своите пријатели новинари и уметници. Во ова дело на Стриндберг, кое се смета за прв модерен шведски роман, доминира слика на гнило општество – едно „ткиво од лаги“.

Како заколнат непријател на буржоаското општество, Стриндберг бил мошне популарен во редовите на работничката класа. Кога Шведската академија во 1901 година започнала да ја доделува Нобеловата награда за литература, Стриндберг бил заобиколен, а во што тој само гледал потврда за она поради што постојано ја обвинувал Академијата: дека ја поддржува медиокритетската литература од среден формат за сметка на оригиналното творештво што отвора нови креативни патишта.  Со собрани доброволни прилози меѓу обичните луѓе низ цела Шведска, на неговиот последен роденден му бил предаден Национален подарок и во чест на големиот писател низ Стокхолм поминала поворка од неколку илјади работници со факели во рацете. Факели во чест на писателот кој бил нарекуван и како „единствена литературна супер-ѕвезда на Шведска“, чие творештво има несомнено значење во историската перспектива на успешно поставените почетоци на модерната шведска литература.

Годинава, по повод 100-годишнината од смртта на големиот писател Стриндберг, во Шведска и во светот се одржуваат повеќе пригодни настани и се преобјавуваат голем број негови дела, а во Македонија, освен објавувањето на овие шест дела, првпат на македонски јазик, во Скопје веќе е отворена изложба за Стриндберг, во организација на шведската амбасада, а која ќе биде пренесена и поставена на претстојниот саем на книгата.

You May Also Like