Утре (вторник, 22.05. 2012) со почеток во 11:00, во просторот на чекалницата на Жечезничка станица во Скопје, ќе биде промоцијата на ЈАДРО – асоцијација на незваисната културна сцена. ова е прва платформа која ги здружува актерите на независната културна сцена.
„Културата постои само во динамична и непрекината акција. Таа расте во нас како некој нов орган, додека не стане неопходна исто онолку колку што ни се неопходни и органите за дишење. Кога културата ќе стане дел од нашиот живот во таа базична смисла, лажната разлика помеѓу неа и елитите ќе исчезне сама по себе. Идејата за култура е идеја за протест. Протест против оние кои сакаат да нè убедат дека културата стои на едната а животот на другата страна. Всушност ние се залагаме за тоа културата да ја практикуваме како најадекватното средство преку кое ќе се сфати животот.“ (Антонен Арто)
Во своето соопштение до јавноста од ЈАДРО истакнуваат:
Низ изминативе 15-тина години, сите се среќававме, соработувавме на најразлични начини, низ најразлични формати. Создававме светови кои длабоко беа реакција и акција во однос на она што го живееме, во однос на она кое сакаме да биде наша стварност. Создававме неформален колектив во општеството, кој јасно ги исцртуваше контурите на она што беше визија за еден поинаков јазик во уметноста и културата.
Сега е мигот кога можеби дојде времето и формално да се здружиме за да покажеме дека постои „тело“ кое сака и може да дејствува наспрема целиот калабалак во општеството. Јадро кое сака да исцрта поинаков простор во културата.
Главните активности на оваа платформа, во која се здружуваат организации, поединци и неформални групи, ќе бидат насочени кон обезбедување поширока видливост и општествена релевантност на независниот културен сектор преку континуирана застапеност на програмски активности, застапување за стабилен развој на секторот, јакнење на неговото влијание во социо‐културниот контекст, развој на алтернативни културни практики на национално, локално и регионално рамниште.
Преку платформата ќе се стимулира култура како постојан процес на динамични, хетерогени идеи, идентитети и формати на уметничко изразување. Наша задача е да бидеме будни и јасно и смело да се обидуваме да укажеме на нужноста од критичко промислување на социо‐културниот контекст и на нужноста за демонополизација на културата и уметноста чија судбина зависи од мал број луѓе кои ја имаат моќта на одлучување.
Во име на Јадро ве покануваат,
Искра Гешоска – Контрапункт, Скопје
Јане Чаловски и Христина Иваноска ‐ press to exit project space, Скопје
Милиана Ленак ‐ Буден Театар, Скопје
Виолета Качакова и Билјана Тануровска – Локомотива, Скопје
Филип Јовановски‐ Факултет за работи што не се учат, Битола
Анита Ивковиќ и Никола Писарев ‐ Центар за современи уметности Скопје
Јасмина Билаловиќ ‐ Медиа Артес, Охрид
Рамадан Рамадани ‐ Институт на слободна мисла НИСМА, Скопје,
Маја Ангеловска и Сашо Додовски ‐ Младински културен центар, Битола
Ѓорѓи Јаневски ‐ Стотројка, Скопје
Билјана Димитрова и Велимир Жерновски ‐ Ф.Р.И.К., Скопје
Елена Велјановска, Line I+M, Скопје
Ивана Драгшиќ ‐ Плоштад Слобода, Скопје
Русе Арсов и Емилија Чочкова ‐ Центар за драмски уметности Т‐Хаус, Скопје.