Марина Мијаковска е добитничка на наградата „Крсте Чачански“ за 2014 година, а Христо петрески за наградата за поезија „Јован Котески“.
Според жирито, во состав: Петре Димовски, Борче Панов и Тоде Илиевски, збирката раскази „Куќички“ на Мијаковска е најдобра меѓу пристигнатите на распишаниот конкурс за куси раскази.
– Книгата „Куќички“ претставува една голема метафора на создавањето, низ која се изразува суштината на дејствувањето во животот. Марина Мијаковска, преку композициската поставеност на градењето куќичка, инвентивно, ненаметливо но уверливо, стилски избалансирано и звучно интонирано го гради книжевното дело во кое се вкрстуваат: световите на старите и новите сфаќања и психологии, книжевно вешто изнијансирани; помешувањето на реалниот со виртуелниот свет во кој ајфонот, лаптопот, таблетот ги преокупираат мислата, времето и животот; статуси на социјалните мрежи и статусот married или single натоварени со дилемите на новиот свет; посветеноста на старите темели да се гради и, синдромот, да се разурнува, пишува во образложението на жирито.
На конкурсот за најдобра необјавена поетска збирка, наградата „Јован Котески“ годинава ја доби поетот Христо Петрески за неговата збирка стихови „Прашалник“.
– „Збирката „Прашалник” се наметнува со својата високо воедначена естетско-тематска конзистентност, зрачи со својот модерен и мудар поетски шмек, како и со длабоката суптилност и повеќеслојност на авторовите поетски согледби и пораки…, стои, меѓу другото, во образложението на жирито за оваа награда, во состав: Витомир Долински, Панде Манојлов и Наташа Зузаровска.
Во изминатите три години, наградата „Крсте Чачански“ ја добија Милован Стефаноски, Христо Петрески и Петре Димовски, а добитници на наградата „Јован Котески“ беа Трајче Кацаров, Санде Стојчески и Витомир Долински.
Наградите на годинашните лауреати ќе им бидат врачени на манифестација на почетокот од јули во Струга.