Промоција на стихозбирка од Владимир Илиевски

Денеска (среда), со почеток во 19,30 часот, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, ќе биде промовирана најновата книга на Владимир Илиевски – стихозбирката „Лични податоци“.

Licni podatoci_predna korica

Книгата „Лични податоци“ неодамна ја објави Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје. За неа ќе зборува Јовица Тасевски – Етернијан, а стихови ќе чита актерот Владо Јовановски.

Оваа книга на Владимир Илиевски претставува провокативно, свежо и, пред сѐ, привлечно поетско дело во кое се „анализираат“ фундаменталните точки на поезијата како естетска практика. Таа е јасна потврда дека поетот има целосно изграден личен став за местото на творецот и на творештвото во современиот свет. Поетската книга Лични податоци е показател дека авторот доследно и постојано ја гради и доградува својата поетика. Таквиот творечки континуитет и поетичка издржаност го поставува Владимир Илиевски меѓу поистакнатите претставници на македонската поезија.

Почитувајќи ги зададените „правила“ на сопствената поетика, Илиевски и во ова книга го покажува своето „воодушевување“ од секојдневјето. Тоа неминовно води кон посебен однос кон поетскиот јазик каде што поимот на симболичноста и метафоричноста, како главна одлика на поезијата, поминува низ комплексен естетски процес на преиспитување. Во песните во Лични податоци се чувствува авторовата комуникација со заговорниците на тезата дека поетскиот говор, по правило, би требало да биде повеќезначен, метафоричен, во одредени случаи накитен и дотеран со превезот на благата, или пак, изразената херметичност. Илиевски покажува дека поезијата ја нуди можноста секоја конструирана синтагма да биде набиена со потребната повеќезначност во зависност од спротивставениот однос кон реалниот контекст. Во навидум баналната поставеност кон контекстот, песните на Илиевски не се спротивставуваат на поетската метафоричност, туку, баш напротив, на секојдневниот „обичен“ говор искористен во стиховите му се придава карактеристиката на многузначност, токму во оние поетски ситуации кога реалниот контекст од поетскиот јазик бара посоодветни „попоетски“ естетски решенија. Владимир Илиевски и во оваа своја книга останува доследен во почитувањето на иронијата како средство со која поетот поседува доволно комодитет да го погледне поетскиот проблем одблиску, а истовремено да биде и на некоја потребна дистанца од него.

Владимир Илиевски (1970) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на групата Општа и компаративна книжевност. Магистрирал на истиот факултет.
Досега ги објавил книгите: Гледач на линија (поезија, 1997), Избор и случајности (поезија, 2000), Мојата лична амортизација (поезија, 2002), Цитатноста во лириката (книжевно-научна студија, 2007), Нема исти утра (поезија, 2008), Ноќна еротска програма (поезија, 2011). Коавтор е на детски сликовници.

Застапен е во неколку антологии на современата македонска поезија. Негова поезија е преведена на бугарски, хрватски, српски, руски, украински, англиски, италијански и литвански јазик.

You May Also Like