Утре (среда, 03 април 2013) во 20:00 часот, во Младинскиот културен центар ќе се одржи промоцијата на дебитантскиот роман “Кругови” на Тина Иванова, во издание на ИЛИ-ИЛИ.
Промотор на книгата ќе биде Александар Прокопиев, а настанот ќе биде надополнет со звуците од ди-џеј сетот на Александар Сандревски Марсо (Канал 103).
Се работи за 71 наслов, односно, за четиринаесеттата книга од домашен автор во едицијата “ПРОаЗА”, со што издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ продолжува со поддршката на новата генерација на домашни автори кои наоѓаат закрила токму во популарната прозна едиција на оваа скопска издавачка куќа, издавајќи ги своите први или втори дела кои наидуваат на одличен прием кај читателите.
Рецензентот Прокопиев за книгата на Иванова вели:
„… Она што го одликува кусиот роман „Кругови“ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот. Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна. Некој поупорен критичар би нашол во прозата на Иванова елементи на филмско сценарио, визуелни елементи во секој случај, затоа што она што доаѓа како плод на визуелното искуство, а тоа е монтажата, дијалозите, атмосферата, има многу визуелни наслојки. Но, токму тоа му дава на „Кругови“ една современа постмодерна структура, што сигурно ја вклучува Иванова во редот на најљубопитните истражувачи во новата македонска проза…“
—————
Тина Иванова е родена во 1976 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот за музикологија. Од основањето до денес, работи како новинарка и музичка критичарка во дневниот весник „Утрински весник“, каде што четири години беше и уредничка на Културна рубрика. Работела како водителка во музичкото радио Канал 103, но и како музичка критичарка на Првата програма на Македонско радио – Радио Скопје, а нејзини осврти, интервјуа, рецензии се објавувани во повеќе списанија за музика и за култура. Член е на Сојузот на композиторите на Македонија. Пишува музиколошки есеи за единственото специјализирано музичко списание „Музика“. Авторка е на книгата „Документ 103“, за која ја доби државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“. Новелата „Кругови“ е нејзина прва литературна објава.
Извадок од книгата:
„… Скопскиот плоштад кој оддалеку го ѕиркав од мојата тераса, како да го надвисна тегобна измама која се прошири и во околината на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Така ми мирисаше. Се подготвуваа избори. Само одразот на главниот зјаеше осветлен, озарен. Динамичен, покрај целата статика на социјалистичките згради. Изгледа тоа беше така, зашто ликот му е во тркалезна форма. Заспав. Се видов себе си до оној горе. Заедно бевме на плакат…“