Претставата „Евангелие на глупоста“ оваа сабота премиерно ќе биде прикажана во Драмскиот театар – Скопје …
„Евангелие на глупоста“ (Далај мама во два дела), според текст и во режија на Љубиша Георгиевски, в сабота премиерно ќе биде прикажана во Драмскиот театар-Скопје.
Во претставата играат бардот на македонската глума Милица Стојанова, Благој Чоревски, Ирена Ристиќ, Филип Трајковиќ, Игор Георгиев, Катерина Шехтанска – Лаковска, Трајанка Илиева – Таци, Игор Ангелов, Славиша Кајевски, Валдета Исмаили, Ана Костовска, Александра Павлова, Диме Илиев и Златко Митрески. Првпат на сцената на Драмскиот театар гостува Петар Мирчевски.
Костимографијата и сценографијата се на Мери Георгиевска, а музиката на младиот Гаврило Миловановиќ.
Режисерот Георгиевски рече дека текстот е напишан во 2002 или 2003 година, а игран е во режија на Пројковски во Народниот театар-Битола пред шест или седум години. Ова е скопска премиера.
-„Евангелие на глупоста“ (Далај мама во два дела) е приказна за распадот и крајот на т.н. западна цивилизација на која и припаѓаме и ние и со која агонизираме, рече на денешната прес-конференција Георгиевски. Тој додаде дека се работи за трагична фарса во која ликовите немаат релевантни проблеми.
Диме Илиев рече дека во претставата има три слоја или екипи, фамилијата Поткошулови, трите баби, стари по стотици или илјадници години, кои го претставуваат подземниот свет и тој, како врска меѓу подземниот и надземниот свет. Игра повеќе улоги, но главно е гробар.