Овој петок (5 април,2013) во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе биде поставена изложба на фотографии насловена како „Афтер“, на фотографот Димитар Апостолов.
На самото отворање ќе има и музички перформанс на македонските музичари, Сашко Костов, Игор Стојановски, Сецко Сеад Хаџиќ и диџеј сет на Теа Шалдева.
Изложбата ќе може да се погледне до 14 април.
Критика на Драги Неделчевски:
„Тој е необична појава во македонската фотографија. Димитар Апостолов, чиниш, најпријатно се чувствува во фотографскиот андерграунд, а всушност, подолго време е присутен на фотографската сцена кај нас. Кога најмалку очекуваш, тој се појавува од дупката таков каков што е, директен и суров, но исто време емотивен и искрен. Додека мнозина ги фотографираат нивните животи, тој ги живее своите фотографии.
Клаустрофобичната атмосфера набиена со еротика и алкохол на прв поглед навестува помешани чувства кај гледачот. Тоа чувство трае кратко. Гледачот сфаќа дека не е навикнат некој така брутално да го бранува фотографскиот жабурник во Македонија. По некое време тој (гледачот), е свесен дека пред себе има еден артикулиран фотограф, кој што вешто владее со техниката, но уште подобро го користи јазикот на фотографијата и директно стрела во целта.
На гладната публика Димитар со своите фотографии и удира шлаканица в лице. Кога ги гледате неговите фотографии (кои што сакате да ги гледате долго…), имате чувство дека од некој ќош Ве гледаат Чарлс Буковски, Енди Ворхол и Тери Ричардсон… А, тоа е всушност Димитар Апостолов. Таков каков што е.“