Промоција на монографиja за Трајче Попов

На 20 декември 2012 година (четврток) во 19:00 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи промоција на монографијата Трајче Попов.

Во монографијата, која е во издание на Кинотеката на Македонија, а чиј приредувач е Илинденка Петрушева, со свои прилози учествуваат м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, Илинденка Петрушевска, проф. д-р Тодор Чепреганов, проф. д-р Јелена Лужина, Весна Масловариќ, Петар Волнаровски, Владимир Љ. Ангелов, м-р Атанас Чупоски, м-р Игор Старделов, Александар Ѓурчинов. Мето Петровски, Столе Попов, Илхами Емин, Коста Крпач, Жарко Радиќ, Зафир Хаџиманов, Глигор Паковски, Антонио Митриќески, Сунчица Веселиновска и Арсим Лесковица. Во книгата се поместени сеќавањата на Трајче Попов за себе и својата работа.

Монографијата преставува богат запис за еден од столбовите на македонската повоена кинематографија, автор на 2 играни филмови и повеќе од 100 документарни филмови.

Промотори на изданието се Јордан Плевнеш и д-р Александар Прокопиев.

По промоцијата и во наредните три денови Кинотеката продолжува со филмска програма посветена на Трајче Попов:

20.12.2012 (четврток) 20.00 часот

СВАДБА НА ШАРПЛАНИНЕЦОТ

документарен филм, Македонија

1970, 15 мин., колор, 35 мм.

режија и сценарио: Трајче Попов

Парењето на познатите кучиња шарпланинци се претвора во вистинска борба на живот и смрт. Само најсилните опстојуваат во таа борба и успеваат да го продолжат родот.

ШАРПЛАНИНЕЦОТ МУРГОШ

документарен филм, Македонија

1960, 15 мин., колор, 35 мм.

режија: Трајче Попов

сценарио: Киро Билбиловски, Ото Денеш, Драгош Стевановиќ

Преку приказната за кучето Мургош, кое и припаѓа на познатата раса шарпланинци, прикажани се сите благородни особини: силата, храброста и верноста на оваа во светот позната раса.

ЛИКВИДАТОР

документарен филм, Македонија

1983, 15 мин., црно-бел, 35 мм.

режија и сценарио: Трајче Попов

Работите во врска со ликвидацијата на рудникот за азбест „Богословец“, во истоименото село, му се доверени на еден човек кој таа работа ја врши седумнаесет години. Објектите на рудникот и машините што пропаѓаат, самите зборуваат за апсурдноста на целата постапка.

ЖИТО ЗА НАРОДОТ

документарен филм, Македонија

1947, 10 мин., црно-бел, 35 мм.

снимател: Трајче Попов

сценарио: Јован Бошковски

Прикажан е откупот на житото од реколтата во 1947 година и е даден приказ на постигувањата во другите области на стопанството во НР Македонија.

РИТАМ И ЗВУК

документарен филм, Македонија

1955, 21 мин., колор, 35 мм.

режија и сцнеарио: Трајче Попов

Народни игри од Македонија во изведба на КУД „Танец“ од Скопје.

ПТИЦИ И РИБИ

документарен филм, Македонија

1961, 15 мин., колор, 35 мм.

режија: Трајче Попов

сценарио: Јово Камберски

Приказ на прастариот (и единствениот во светот) начин на риболов со помош на птици на Дојранското Езеро.

ДОВИКУВАЊЕ НА ПРОЛЕТТА

документарен филм, Македонија

1968, 14 мин., црно-бел, 35 мм.

режија и сценарио: Трајче Попов

Според дервишите од Призрен, новата година започнува со доаѓањето на пролетта. Секоја година, на 22 март, тие го изведуваат ритуалот на „довикување на пролетта.“

21.12.2012 (петок), 20:00 часот

МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА

игран филм, Македонија

1967, 102 мин., колор, 35 мм.

режија: Трајче Попов

сценарио: Славко Јаневски

улоги: Ристо Шишков, Васил Хаџиманов, Вера Чукиќ, Драги Костовски, Драгомир Фелба

За време на жетвата, бегот гони еден Турчин кој поради своите прогресивни идеи мора да биде казнет. Во бегството му помага овчарот Спасе. Трагата по избеганиот Турчин го доведува аскерот до жетварите што работат на имотот на бегот. Меѓу нив е и Цвета, чија убавина не може да остане незабележана. Бегот ја грабнува девојката, ја носи во својот сарај, но ветувањата за лесен живот не се доволни да ја убедат Цвета да ја промени верата и да се откаже од своите. Нејзините соселани предводени од попот и од овчарот Спасе, го бараат нејзиното ослободување. Во случајот се ангажираат и дипломатските претставници на големите сили со седиште во Битола и девојката е ослободена. Но, на денот на нејзината свадба доаѓа бегот со својата вооружена придружба…

22.12.2012 (сабота), 20:00 часот

ПРЕСУДА

игран филм, Македонија

1977, 95 мин., колор, 35 мм.

режија: Трајче Попов

сценарио: Јово Камберски

улоги: Жарко Радиќ, Петар Арсовски, Мето Јовановски, Благоја Чоревски, Данчо Чеврески

Во судирот со непријателот, во една однапред изгубена битка со наполно извесен крај, за да не загине залудно, партизанот Ангелов го напушта боиштето качувајќи се на воз и оди да ја види својата мајка, тукушто вратена од интернација. Поради тоа, тој е прогласен за дезертер, па кога тој се врати во бригадата, го разоружуваат и голорак го испраќаат во борба, за да се избори за ново оружје. Во поставената заседа за

германската колона, голоракиот Митко Ангелов убива еден германски војник и со неговото оружје сам пука во колоната камиони, бидејќи сите партизани од патролата се убиени. Кога ќе се врати во бригадата, никој не му верува дека тој е единствениот преживеан од воената акција.

23.12.2012 (недела), 20:00 часот

ПО ДОЛИНАТА НА РЕКАТА ВАРДАР

документарен филм, Македонија

1950, 43 мин., црно-бел, 35 мм.

режија: Трајче Попов

сценарио: Јово Камберски

Филмот претставува сестран приказ на развојот на регионот по течението на реката Вардар, и го опфаќа неговиот индустриски развој, развојот на земјоделието, културните придобивки на новото социјалистичко општество, културните и етнолошките особености на жителите, археолошките и историските карактеристики, а последната секвенца е посветена на егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија.

You May Also Like