Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна ја објави стручната книга од областа на фолклористиката на проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ со наслов „Фолклорни социјални фосили“.
Во оваа студија Анастасова Шкрињариќ покажува дека фолклорните творби претставуваат вистински „социоартефакт“, кој во себе го крие отпечатокот од сите изминати фази на човековото социјално живеење. Антрополозите истакнуваат дека фолклорот содржи своевидни фосилни остатоци од архаичните општествени „институции“, а овие мумифицирани детали можат да се препознаат само доколку се повикаат на помош социоантрополошките сознанија.
Позиционирајќи го своето истражување од аспект на социјалната антропологија, авторката ги извлекува на површина: остатоците од тотемизмот, родовско-племенското уредување, променливиот примат на матријархалниот и патријархалниот поредок (преку борбата за превласт на амазонските женски заедници и патријархалните воини-змејоборци), трагите од авункулатот, преживелиците од некогашните ендогамни или егзогамни брачни врски (архаичните брачни институции – полигинија, андрогинија, сорорат, левират) и други универзални „антропологеми“.
Социоантрополошките истражувања презентирани во оваа книга, убедливо сведочат дека во народната традиција е впишан древниот социјален код кој ги диктирал односите во микрозаедницата и макрозаедницата (формирајќи одредени социоконструкти кои се пренесуваат од генерација во генерација). Декодирањето на социјалните кодови во народната традиција е можно и нужно, бидејќи фолклорот како своевидна „временска капсула“ зачувал жива слика за некогашните изумрени социолошки феномени. Некои од нив се реанимирани и реинтерпретирани на страниците на ова книга…
Д-р Нина Анастасова Шкрињариќ е професор на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде ги предава предметите: Македонска народна книжевност (Македонска народна поезија и Македонска народна проза), Митопоетика, Словенска митологија и Психоаналитички концепти во фолклорот.
Дипломирала на групата за Општа и компаративна литература на Филолошкиот факултет во Скопје, завршила постдипломски студии по македонистика на истиот факултет и магистрирала и докторирала на теми од областа на фолклористиката. Покрај фолклористичкиот домен, се занимава и со проучување на словенската митологија, но и со митот воопшто (митопоетика, историја и теорија на мит), а актуелна нејзина преокупација се психоаналитичките и социолошко-антрополошките интерпретации на фолклорот (примарно, антропологијата на фолклорот).
Автор е на книгите: „Панајот Ѓиноски – истражувачки релации“, (Менора, 2000); „Словенски пантеон“ (Менора, 2004); „На чекор до епопеја“ (Табернакул, 2007), „Митски координати“ (Македонска реч, 2008), „Триножникот на Цепенков и каучот на Фројд“ (Македонска реч, 2011).
Во доменот на учебникарството, Анастасова Шкрињариќ се јавува како автор и коавтор на повеќе прирачници и учебници по македонски јазик и литература, а од нејзиното „перо“ произлегле и бројни стручни предговори и поговори за разни научни и уметнички изданија.