Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје денеска 7 мај (среда) од 19:19 часот во Културно информативниот центар Салон 19.19 ја организира промоцијата на книгата “Мисли и зборови“ од поетесата Сузи Тенева.
Книгата ќе ја промовира професорот д-р Ивица ЏЕПАРОСКИ, а стихови ќе чита македонскиот актер Ѓорѓи ЈОЛЕВСКИ. Настанот ќе го заокружи акустичната гитара на Методи ТЕНЕВ.
Пред себе имаме збирка поезија во која е присутно едно видување за животот; за ситуациите и парадоксите во него. Мислите и зборовите се иманенетен начин на човековото постоење, токму затоа и се земени во насловот. Метафизичката атмосфера во повеќето од стиховите произлегува од засегнатоста на индивидуата да го осмисли постоењето. Љубовта, радоста, смирението, мудроста, убавината се чести
мотиви во песните, токму затоа што преку нив се остваруваат смислата и вредностите. Метафорите, симболите, како начин на изразување се присутни во песните. Суптилноста и лирските проткајувања во говорот, го покажуваат философскиот сензибилитет на авторката во промислувањето на битието.
Сузи Тенева е родена 1982 година во Скопје. Во 2005 година дипломира на Инститиутот за философија, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Во 2009 година магистрира, на тема од областа на естетиката, „Кантовото разграничување меѓу убавото и возвишеното“. Моментално е докторанд на Институтот за философија и се занимава со истражување на проблеми од областа на естетиката. Оваа книга е нејзино второобјавено дело.