Денеска (среда, 26 март) во 20:00 часот во Џебното кино МКЦ, ќе биде промовирана збирката песни „Midnight Blues“ од Андреј Ал – Асади, издавач Антолог.Спакувани во една приказна со блуз изведбата на бендот The Swindlers, стиховите ќе бидат интерпретирани од актерот Филип Кипровски.
Андреј е млад скопјанец, роден во Лондон, во средношколските денови ги пројавува првите стихови кои ги комплетира во една стихозбирка со музичко име – Midnight Blues, која го добива името поради пасијата на Андреј кон музиката, а особено кон блузот. Авторот е член на повеќе музички бендови.
„ Низ овие стихови одѕвонува музиката на човечките гласови, но и музиката на тишината, како и музиката на капките дожд, птиците, шумите, на ветерот. Лирскиот субјект е восхитен и екстатичен, љубопитен и копнежлив, но, очигледно, го мачат и дилемите за тоа како да се дојде до идеалот за убавина, совршенство, музичка хармонија …“ (Лидија Капушевска Дракулевска, рецензент).