Кандидатите за градоначалници на Град Скопје и Општина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ вчера (сабота, 16 март) го промовираа проектот за изградба на Скејт парк во Скопје.
Со изградба на скејт-парк на територијата на град Скопје ќе се реализира дамнешната желба на многу љубители на овие нови спортови, кои се во сè поголема експанзија во светот, како по масовноста така и по атрактивноста.
– Скејт паркот ќе биде лоциран до Паркот на франкофонијата, во близина на ресторанот Опатија со што ќе се создадат услови за рекреирање на сите млади луѓе кои се занимаваат со овој спорт. Скејт-паркот ќе биде изграден според сите меѓународни стандарди и норми, со многу содржини, со што ќе се задоволи потребата на една голема група на луѓе – изјави Трајановски.