Миљенко Јерговиќ е писател, новинар, колумнист. Работи како новинар во хрватскиот весник „Јутарњи лист“ и како колумнист на веб страната „Радио Сараево“ и на белградскиот весник „Политика“. За своите книжевни дела има добиено бројни меѓународни награди и признанија, а за своите колумнистички ставови често е нарекуван контроверзен или националист.Во моментов важи за еден од најчитаните писатели на Балканот.
Како колумнист велите дека кажувате ставови со кои луѓето најчесто не се согласуваат. Дали така си ја сфаќате вашата задача како интелектуалец?
– Јас никогаш не сум размислувал што е работата на интелектуалецот, писателот. Односно мислам дека писателот не треба ништо да прави освен да пишува, јас тоа и се обидувам да го правам. Како колумнист се трудам да правам уште нешто – пишувам тогаш кога моето мислење не се совпаѓа со мислењето на мнозинството, односно со она на елитата или на владеачките кругови. Мислам дека нема смисла да се пишуваат новински текстови во кои се согласувате со публиката, тоа е здодевно, неинтересно, дури и непотребно.
Како колумнист сте отворен, некогаш дрзок, а како автор сте суптилен, влегувате во микро световите на ликовите, се враќате во детството, правите чести реминисценции – која е тогаш вашата задача?
– Задачата на писателот е да пишува најдобро што може. Начинот на кој пишуваме и на кој го креираме нашиотр свет и јазик, зборуваат многу повеќе за тоа кои сме како уметници, креатори и луѓе. Книжевниот текст е секогаш писателска автобиографија и огледало на неговата внатрешност. Јас водам сметка тоа што го пишувам да биде ЈАС, а не нечија имитација.
Може ли да се живее од пишувањето?
– Не е едноставно – не може да се живее само од пишувањето книги, туку секогаш треба да се комбинираат пишувањето книги и пишувањето за весниците. Тоа е судбина на сите европски писатели, односно на сите кои не биле комерцијални или дворски писатели. Тоа е судбина да се комбинираат две кариери или два различни света. Јас имам среќна околност да пишувам книги и колумни, што не е така различно и далечно едно од друго, затоа што и двете се пишување.
Дали книжевноста во ерата на новите медиуми и електронското издаваштво има сили да се избори и да опстои во својата класична форма?
– Книжевноста постои онолку долго колку и човечката цивилизација. За кризата на книжевноста се зборува онолку долго колку што се зборува и за криза на моралот. За кризата на книжевноста се пишуваше и во делта на класичните антички драмски автори, уште во времето на Аристотел и неговата Поетиката. Книжевноста постои само во криза и во соочувањето со новите времиња и медиуми, и така треба да биде.
Колку ја познавате современата македонска книжевност?
– Тоа не е едноставно прашање. Во некогашна Југославија, од различни причини, а делумно и поради вина на самите Македонци, македонската книжевноста на српско-хрватски јазик беше најмалку преведувана и најмалку присутна, дури и албанската книжевност од Косово беше попозната. Причините за тоа беа различни, но имаше и инертност кај Македонците, дури и Струшките вечери на поезијата малку наштетија, бидејќи тие (Македонците, н.з) сметаа „ ја имаме Струга и не треба нешто многу да се трудиме“, но тоа е штета. Така цели опуси на некои големи македонски автори не беа преведени на српско-хрватски јазик. Мене лично ми жал што посериозно на наш јазик не е преведен Влада Урошевиќ кој е голем автор. Во 90те и по распадот на Југославија нештата се променија на попозитивно, на српски се преведоа Александар Прокопиев, Венко Андоновски е преведен и во Србија и во Хрватска, Ермис Лафазановски е исто така преведен, а за Гоце Смилевски може да се каже дека е регионална книжевна ѕвезда. Сега како да има некој процвет – македонската книжевност на српски и хрватски јазик добива процевет. Јас осносвно и средно образование завршив во Сараево, и тогаш едвај го имавме Кочо Рацин и Блаже Конески а тоа е страшно оскудно и малку. Тоа што во меѓувреме нешто се менува и движи е оптимистички, но јас сум сигурен дека зад тоа не стојат некои големи државни иницијативи туку, напротив некоја сосема индивидуална.
Александра Јуруковска
—————————————-
Миљенко Јерговиќ е роден на 28 мај 1966 година, во Сараево, Босна и Херцеговина, а од 1993 година живее во Загреб. Работи како новинар во хрватскиот весник „Јутарњи лист“ и како колумнист на веб страната „Радио Сараjево“ и на белградскиот весник „Политика“.
Добитник е на многубројни награди, меѓу кои Мак Диздар и Иван Горан Ковачиќ, двете во 1988 година, за неговата збирка поезија Опсерваторијата Варшава, наградата Ксавер Шандор Ѓалски во 1994 за збирката раскази „Сараевски Марлборо“ (Издадена на македонски од НИК Лист) , Аугуст Шеноа – која ја доделува Хрватска матица за уметнички и книжевни достигнувања, за неговата новела „Бјуик Ривиера“ во 2002, Гринцане Кавур за неговата збирка кратки раскази „Мама Леоне“ во 2003, Меша Селимовиќ – награда за роман на годината во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора во 2007 година и Ангелус – полска книжевна награда за писатели и поети од Централна Европа, за неговиот роман „Срда им пее, на самрак, на духовите“. Неговите дела се преведени на многу светски јазици. На македонски јазик во 2012 година е преведена и „Татко“, издание на Икона.