Расказот „Кога се губат очилата“ од писателот Жарко Кујунџиски е одбран како македонски претставник во антологијата Најдобрата проза од Европа за 2013 година на издавачката куќа „Далки аркајв прес“. Нејзиното објавување е закажано во месец ноември, а издавачот в среда, (24 октомври,2012 година) организира читање на дел од расказите на Универзитетот Колумбија во Њујорк, Соединетите Американски Држави.
Главниот уредник на „Далки аркајв прес“, Џон О’Брајан, одбрал да претстави три раскази, меѓу кои и расказот на Жарко Кујунџиски. Делото ќе го претстави еден од преведувачите на англиски, Елена Митреска. На настанот, покрај читање, ќе им бидат поставени и прашања на гостите, автори и преведувачи од Европа.
Новото издание на Најдобрата проза од Европа за 2013 донесува над 30 раскази од повеќе европски држави. Во најавата кон реномираната антологија, меѓу другото, пишува дека „2013 може да биде најдобрата година за книгата Најдобрата проза од Европа.“
Исто така: „Читателите за кои терминот ‘странска литература’ значи дело од Канаѓанецот Алис Мунро, ќе мора малку повеќе да ги отворат очите и нивното читателско искуство да експлодира среќавајќи дела од места како Хрватска, Босна и Македонија, како и од познат терен, меѓу кои и Шпанија, Велика Британија и Русија.
Расказот „Кога се губат очилата“ претходно е објавен во Македонија единствено во книгата 13 од Жарко Кујунџиски.