Промовирани интерактивни табли за основните и средните училишта

Денеска (вторник, 19 февруари,2013) во основното училиште „Кирил и Методиј“, Министерот за образование и наука м-р Панче Кралев и главниот извршен директор на Македонски Телеком, Даниел Сас присуствуваа на промоцијата на интерактивните табли, кои им беа доделени на основните и средните училишта во Република Македонија.

 

Овие табли, донација од Македонски Телеком, се веќе поставени во објектите каде што се одржува наставата и тековно се употребуваат.

Имено, Министерството за образование и наука, објави конкурс за доделување на интерактивните табли, на кој аплицираа 96 основни училишта и 30 средни училишта од територијата на Република Македонија. Доделени се 66 табли, од кои 54 на основни и 12 на средни училишта. Обуката за нивно користење ја поминале околу 130 наставници.

Интерактивната табла е образовно помагало, кое што им овозможува на професорите лесна презентација на дигитални содржини при спроведувањето на наставните програми. Предноста на интерактивната во однос на класичната табла е тоа што таа може да функционира како компјутерски екран осетлив на допир, со што се подобрува квалитетот на наставниот процес. За своето функционирање интерактивната табла користи видео проектор, со кратко фокално растојание, како и соодветна компјутерска програма поставена на компјутерот кој го употребува професорот. Доколку  не се користи како интерактивна табла, постои можност истата да се уоптребува како бела училишна табла.

Ова помагало е погодно за користење во секојдневниот наставен процес и може во целост да го замени класичниот начин на предавање со табла и креда. Останува на професорите својата креативност да ја преточат во дигитални содржини наменети за новите интерактивни табли.

 

You May Also Like