Утре (вторник, 13 ноември 2012 година) во 12:30 часот, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, ќе се одржи министерска конференција на тема „Музеите во Југоисточна Европа – статус, менаџмент и партнерство“, организирана во партнерство меѓу Македонија како претседавач на Процесот на соработка во ЈИЕ, Регионалниот совет за соработка (РСС), Секретаријатот и Работната група за култура и општество на Регионалниот совет за соработка.
Целта на оваа конференција, на која се поканети министри за култура од регионот на Југоисточна Европа и директори на институции од областа на музеологијата, е рефлексија на актуелната состојба во оваа дејност, како и утврдување на можностите за натамошен развој на соработката меѓу министрите за култура, директорите на националните музеи од JИЕ и претставниците на релевантните меѓународни организации и партнери од регионот, вклучувајќи ја и Европската Унија.
Нашата држава, како актуелен претседавач со Процесот на соработка во ЈИЕ (од јуни 2012 до јуни 2013), Регионалниот совет за соработка, неговиот Секретаријат и Работната група за култура и општество, го поставија прашањето за соработка во областа на културното наследство во Југоисточна Европа високо на нивната приоритетна агенда и се согласија да им помогнат на релевантните национални институции, меѓу кои музеите играат посебна улога, во развојот на поблиски врски и конкретни форми на соработка. На конференцијата ќе биде потенцирана потребата од заврстување на мрежата на регионалните музеи, развивање на прекуграничната соработка меѓу културните оператори и институции, како и елаборирање на заедничките проекти и програми.