„Ние сме визуелни“ e новиот прирачник наменет за формални и неформални едукатори кој нуди методологија базирана на употребата на документарниот филм во процесот на едукација за човекови права, а кој го издадоа и промовираа Здружението за промоција на документаристикaта „Македокс” и Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“.
Прирачникот е наменет за наставниците и неформалните едукатори за човекови права на млади на возраст од 12-16 години. Тој има за цел не само да го збогати процесот на образование за човекови права и теми од општествена важност со креативна и инклузивна употреба на аудио-визуелни материјали, туку и да ја зголеми свесноста на младите за нивните права и одговорности, да ги сензибилизира за различните и различностите и да ги поттикне на граѓанска одговорност и граѓанско делување.
Прирачникот е двојазичен (македонски и албански), и е составен од 10 ДВД-а со 12 филмови и предлог активности за нивна употреба во образовниот процес.
„Ние сме визулени“ се темели на концептот на визуелно и искуствено/интерактивно учење, кој овозможува младите потрајно и поефикасно да ги доживеат и според тоа полесно да ги интегрираат и осознаат пораките, знаењата и вештините пренесени преку внимателно избраните креативни документарни филмови. Користењето на ваков вид материјали во голема мерка ја зголемува инклузивноста во процесот на учење и поучување, особено затоа што ги опфаќа и младите со визуелен стил на учење.
Досега во рамките на проектот „Ние сме визуелни“ се реализирани три фокус работилници со наставници и неформални едукатори за човекови права и млади на возраст од 12-16 години од цела Македонија. Понудените содржини во прирачникот од нивна страна беа оценети како добри и лесни за примена, корисни и потребни за целната група, адекватни и применливи во нивната пракса, а филмовите како соодветни, разбирливи, интересни и важни.
Прирачникот е резултат на партнерски проект помеѓу „МакеДокс“ и ЦРИС „Студиорум“ од Скопје, филмскиот фестивал „Документ“ од Глазгов, Интернационалниот филмски фестивал на човекови права од Нирнберг и филмскиот фестивал „Мувис дет метер“ од Амстердам, а се реализира со поддршка на Извршната агенција за образование, аудиовизуелни уметности и култура на Европската унија (ЕАЦЕА).
Во следната фаза од проектот, МакеДокс предвидува организирање работилници за обука на сите наставници и неформални едукатори во Македонија кои се заинтересирани за негова примена.
Ова е втор едукативен прирачник со документарни филмови во издание на МакеДокс. Првиот насловен како „МакеДокс во училница“ е наменет за наставниците по социологија и граѓанско образование во средните училишта во РМ. Со поддршка на Националната фондација за демократија од Вашингтон и Американската амбасада во Скопје, а со одобрение на Министерството за образование на РМ во рамките на овој проект се обучуваат и бесплатно го користат 120 наставници од средните училишта во РМ.