Нов роман од Нада Гашиќ преведен на македонски

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна го објави романот „Вода, пајажина“, на хрватската писателка Нада Гашиќ, во превод од хрватски јазик на Ленче Тосева.

voda_pajazina_korica

Романот е награден со две престижни награди: со наградата на Градот Загреб и со највисоката хрватска државна награда во културата – Владимир Назор, за најдобро книжевно дело во 2010 година.

„Вода, пајажина“ започнува со големата поплава на Загреб, во 1964 година, со драматичен опис на евакуацијата на жителите на Трешњевка и на продирањето на водата која со себе носи и балвани и смет и смрт. Потоа дејството се пренесува во есента 2009 година и добива драматичен и динамичен тек – со трилерски ритам.
Во романот се сретнуваат различни жанрови, хармонично споени, а во приказната на романот има уше приказни – за ескортната проституција, за жртвувано дете, за три сестри, за распаднати семејства, за свршувачка и погреб, за здравата храна и нездравите идеи, за мафијата, политиката, полицијата… Сите тие го прават комплексен романот, кој се базира на патологијата на општеството, која, пак, од нивото на едно семејство се шири во концентрични кругови.

Нада Гашиќ (1950) дипломирала социологија и југославистика/кроатистика во Загреб, а докторирала во Прага. Работела како лектор по хрватски јазик во Прага, Санкт Петербург и во Брно, се занимавала и со уредничка, преведувачка и лексикографска работа. Својот прв роман Мирна улица, дрворед (објавен и на македонски јазик од „Македонска реч“) го објави во 2007 г. и за него ја доби наградата Славиќ на Друштвото на хрватските писатели за најдобро дебитантско дело.

You May Also Like