„Нов танцов театар“ е насловот на книгата што денес беше промовирана, а е резултат на минатогодишната конференција „Современиот танц (култура) како фактор на трансформација на општеството“ и своевиден обид да се зачуваат фактите за развојот на современиот танц во Македонија и идејата за формирање танцов театар.
– Сметам дека преку современиот танц навистина можат да се поместат границите, да се промени свеста. Книгата, со сите текстови кои се поместени во неа, ќе сведочи за идните генерации да видат како се создаваше историјата, какви напори се правеа танцот да стане сериозен фактор на делување во Македонија, рече на денешната прес-конференција Рисима Рисимкин, основач и професор на Skopje Dance Academy, каде се изучува современиот танц.
Амбасадорката на Кралството Холандија во Македонија Мариет Шурман смета дека во земјава полека се трасира патот современиот танц да си го заземе своето место во општеството и да се сфати каква сила во општеството може да биде тој, поради што и одлучиле да дадат поддршка за издавањето на книгата.
– Рисима имаше чувство да препознае што значи модерниот танц и каква движечка сила може тој да биде во општеството. Тој е од голема важност бидејќи им дава можност на младите да се отворат, да ги отворат своите хоризонти и полесно и слободно да се изразат. Им дава можност да го променат начинот на размислување, можност да го променат своето место во општеството, а со промената која ќе ја внесат кај себе да внесат и промена во општеството, рече Шурман.
Рисимкин на прес-конференцијата информираше дека годинава на Академијата се запишала втората генерација студенти, меѓу кои и една студентка од Хрватска, со што, како што рече, таа поприма интернационален размер. Се надева дека во иднина Академијата ќе стане регионален центар.
Во моментов, на Академијата искуството со студентите го дели професорката Џоан Ван Дер Маст од Холандија, која предава на Ротердамската академија за современ танц и на Кралскиот конзерваториум во Хаг. Таа смета дека во Македонија има многу талентирани деца кои можат да дадат многу во современиот танц, поради што, како што рече, и е задоволство да даде поддршка за развојот на овој вид танц во Македонија.
Рисимкин најавува дека ќе почне со работа и Едукативен центар за деца од 4 до 18 години.
– Станува збор за едукативна програма преку која ќе се развива талентот на многу деца. Тие ќе изучуваат 12 годишна програма која ќе може да ги оформи и развива нивните вештини, вели Рисимкин.
Едукативниот центар треба да почне со работа на 1 ноември годинава.