Во четвртокот вечер во „Кафе – Галерија 8“, се одржа промоција на двата последни романи: „Амбасади“ и „Нови амбасади“ од академик Луан Старова.
И двата се надополнување од книжевната балканска сага на нашиот прославен романсиер Луан Старова, чии дела се преведувани на петнаесетина јазици. Тие претставуваат единствено дводелно сложено и комлексно уметничко дело со длабоки метафизички пластови.
На промоцијата како ексклузивен гостин беше актерот Никола Ристановски, кој ја имаше честа да биде беседник. Преку неговата одлична актерска експресија, публиката имаше ексклузивна можност одблизу да се запознае со содржината на двете негови последни дела.
Промоцијата беше дополнително збогатена и со присуството на нивните екселенции: Виктор Габер и хрватскиот амбасадор во Македонија, Златко Крамариќ, кои истакнаа дека дипломатијата е многу блиска до театарската уметност. За нив, да се биде дипломат значи и да се биде добар педагог, филозоф, а пред се и космополит.
Одличната промоција, ја заокружи Јелена Лужина, која истакна дека во последните два романи на академик Луан Старова, кои се жанровски определени како антимемоари, се гледа една голема хуманост на човекот дипломат. Амбасадорската функција која ја извршуваше академик Луан Старова во минатото, според неа е космополитска. Тој, истакна Лужина не бил дипломат чиновник на својата земја, туку амбасадор кој искрено работеше за интересите на Македонија.
Присутната публика, вечерта на промоцијата имаше ексклузивна можност да го види и специјално изработениот мини документарен филм, преку кој се отсликуваше сиот амбасадорски ангажман на Луан Старова.
Промоцијата беше организирана од Тања Балаќ, претседателка на ДЛУМ, која потенцираше дека сликарството и книжевноста како многу сродни дисциплини конечно го најдоа своето заедничко место, во новоотворените Галерии во Безистенот на Старата скопска чаршија.
Двете негови последни книги: „Амбасади“ и „Нови амбасади“ се во издание на „Макавеј“.