Во Битола промовирана книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ од авторот Марко Китевски …
Во НУ Центар за култура-Битола денеска беше промовирана книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ од истакнатиот македонски истражувач, професорот д-р Марко Китевски. Според Китевски, станува збор за книга која верниците, празнувајќи го својот празник ќе може да разберат за светителот што го празнуваат и за тоа како празникот се празнувал во изминатите векови.
– Книгата содржи истражувања на македонските празнувања низ вековите, на оние христијански празници поврзани со светители од христијанската вера, а кои оставиле трага во македонската култура. Тоа се празници кои се празнуваат со домашни служби, имендени, слави, свети води, култни места и други настани што останале во паметењето на македонскиот народ. Во книгата опишани се смислата на празнувањето, христијанската димензија, црковната димензија, обичаите, разни верувања и суеверија или се што е дел од народната култура. Многу од празнувањата и обичаите опстоиле, но дел и исчезнале низ вековите особено во т.н. период на атеизам кога многу нешта се заборавиле, но во периодот по 90-те години од минатиот век, народот повторно се врати на празнувањата, посочи Китевски.
Книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ од авторот Марко Китевски ја промовираше професорот Илија Велев од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје кој нагласи дека новото издание на Китевски претставува своевидна енциклопедија на македонската народна култура, во која на најилустративен начин се покажува континуитетот на духовниот и културно историскиот живот на просторот на Македонија и го отсликува идентитетот на македонскиот културно историски белег.
– Во оваа ера на глобализација кога има криза на идентитетите, токму народната култура е оној извор преку кој еден народ во ова културно прелевање меѓу народите го истакнува сопствениот идентитет или влог, и токму оваа книга го покажува континуитетот на македонското духовно и културно препознавање и тоа не само од христијанската духовна и културна препознатливост туку и од целокупниот период на цивилизациските прелевања што се случувале на македонскиот простор. Изворноста на ова издание претставува едно забележително научно претставување кое не е само за македонската научна и културна јавност, туку и препознатлива монографија и во другите академски средини надвор од Република Македонија, истакна Велев.
Промоцијата на книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ од авторот Марко Китевски се одржа во рамки на придружните манифестации на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илиденски денови“.