Почетокот на месец ноември ќе го одбележат 7 гостувањаод 7 европски театарски куќи, кои беа внимателно селектирани со цел да понудиме богата, разновидна и интересна програма за љубителите на магијата на театарските штици.
Осмото по ред издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи фестивал“, ќе се одржи од 31 октомври до 6 ноември 2014, овој пат на сцената на Младинскиот културен центар, како и во Театар „Комедија“ – Скопје.Фестивалот годинава се доржува по мотото „Маски и Даски“.
Гостувачките театри доаѓаат од Швајцарија, Русија, Германија, Романија, Турција, како и од блиските соседи Албанија, Бугарија, копродукција помеѓу Србија, Хрватска и Словенија. Преставите опфаќаат теми кои варираат од социјални и политички актуелни теми, до лични проблеми кои допираат во сржта на човековото постоење.
Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Сите птици се веќе таму“ – копродукција помеѓу Театарот „Шлахтхаус“ од Берн, Швајцарија и Театарот „Поколениј“ од Санкт Петербург, Русија, а ќе се затвори со претставата „Гробница за Борис Давидовиќ“, која ќе ја има својата премиера во Скопје токму на Фестивалот. Имено, „Гробница за Борис Давидовиќ“ е можеби најактуелната претстава која во моментов се прикажува на балканските простори, работена како копродукција на еминентните претставници на независната културна сцена на Балканот – Хартефакт Фонд иБитеф Театар од Белград, Србија; УО Ново Казалиште од Загреб, Хрватска; Mини Театар од Љубљана, Словенија; Задар Снова од Задар, Хрватска и ЦЗКод Белград, Србија. Дел од програма е и претставата „Градители на империјата или Шмурц“, во режија на Александар Поповски, продукција на театарот Хајал Пердеси од Истанбул, Турција.
Младинскиот културен центар оваа година ќе биде домаќин на Фестивалот на кој ќе се прикажат шест претстави, а во Театарот „Комедија“ во Скопје ќе гостува претставата „Јерма“ на Театарот на Бугарската армија, во режија на Диана Добрева.
Целосната програма на МТФ „Скупи фестивал“ може да се проследи на официјалната веб-страница на фестивалот.
МТФ „Скупи фестивал“ е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, Советот на Град Скопје и од ONE Telecom Slovenia Group.