Проза од Јан Неруда преведена на македонски

„Македонска реч“  неодамна ја објави најпознатата прозна книга на познатиот чешки писател Јан Неруда – книгата со разкази „Приказни од Мала Страна“, во превод од чешки јазик на Мирјана Мишкоска. Ова е прва книга на Неруда објавена на македонски јазик.


Јан Непомук Неруда (1834-1891) е најистакната личност во чешкиот културен живот во втора-та половина на ХIХ век. За негово најдобро дело се смета збирката раскази Приказни од Мала Страна (1878). Во него ја насликал Мала Страна во периодот пред 1848 година, врз основа на своите сеќавања. Претставени се типични фигури на чешкото граѓанство. Хероите се точно карактеризирани, секој од нив има различен говор. Неруда умее одлично да ги типизира ликовите. Наместо зборот приказна го користи зборот арабеска или скица (т.е. нешто помеѓу есеј и расказ).

За Приказни од Мала Страна, најдобрата збирка раскази во Чешка во деветнаесеттиот век, Вацлав Бавор во „Седмица во мир-на-та куќа“, ги наведува зборовите на самиот Неруда: „Ќе пишувам модерно, т.е. вистинито, ќе земам ликови од животот, ќе го сликам животот во неговата голотија, директно ќе кажам што мислам и што чувствувам“.

Тој е пред-водник на групата „мајевци“, составена од писатели собрани околу списанието „Мај“, кои го промовирале реализмот во литературата. Неговите дела се со изразена социјална содржина. Мајстор е на кусиот расказ. Автор е на 2.260 фељтони, скици, басни, раскази и драми.

______________________________________________

Јан Неруда е роден во Прага, Чешка, во трговско семејство. Израснал во стариот дел на Прага, наречен Мала Страна. Неруда се школувал во германски училишта во Прага, но на тринаесетгодишна возраст почнал да слуша предавања на чешки јазик. На барање на неговиот татко едно време студирал право, а потоа преминал на филологија, но никогаш не дипломирал. Потоа првин работел како учител, но набргу, уште на млади години, во 1860 година, се вработил како новинар во локалниот либерален весник „Народен лист“, а пишувал и за неколку списанија. Во неговите дела до израз доаѓа влијанието од неговите набљудувања на суровиот живот на прашките улици и на социјалните конфликти во чешкото општество.

Неруда патувал низ Европа и на Блискиот Исток, а своите опсервации од патувањата ги забележувал во многуте кратки скици. Во неговите песни, химни и балади ја промовирал идејата за повторното раѓање на чешкиот патриотизам. Тој учествувал во сите централни културни и политички борби на неговата генера-ција и по подемот на чешката литература, театар и ликовната уметност се стекнал со углед на чувствителен критичар. Со своето дело им припаѓа на првенците на чешката книжевност и градители на современата чешка култура.

Набргу по смртта, една улица во неговиот роден кварт Мала Страна, во Прага, е преименувана со неговото име. Неговата популарност бргу ги надминува локалните прашки квартови и се здобива со интернационална слава. Чилеанскиот политичар и поет Рикардо Елиесер Нефтали Рејес (1904-1973) импресиониран од Јан Неруда, најпрвин го зел псевдонимот Пабло Неруда, а потоа и за официјално име, со кое станува еден од најпознатите поети во светот во ХХ век (Нобеловец и добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата).

You May Also Like