Во чест на прерано починатиот Владо Цветановски, еден од најистакнатите театарски дејци и педагози во Македонија, а воедно и еден од авторите кои оставија длабока трага во македонската филмска историја, денеска (4 ноември, недела) во 20:00 часот, Кинотеката на Македонија организира проекција на неговиот филм „Тајната книга“.
Цветановски повеќе децении беше значаен дел од македонското културно миље, а како доказ за тоа е и оваа проекција во чест на неговото севкупно дело.
„Тајната книга“
игран филм, Македонија
2006, 93 мин., колор, 35 мм.
режија: Владо Цветановски
сценарио: Јордан Плевнеш, Љубе Цветановски
улоги: Жан-Клод Карие, Тиери Фремон, Владо Јовановски, Мето Јовановски, Ѓорѓи Јолевски, Лабина Митевска
Богомилското духовно движење и неговата доктрина се привлечна мистерја за истражувачите на балканското средновековие. Еден од најпосакуваните манускрипти, е т.н. Тајна книга која содржи резиме на богомилското учење и се смета за автентично дело на богомилската литература. Но, оригиналот на Тајната книга не е пронајден до ден-денес. Еден запис во Каркасонските летописи упатува на вистината дека Тајната книга на богомилите потекнува од балканските простори, од Македонија. И токму поради Тајната книга, на просторот на Македонија ќе се сретнат повеќемина научници и истражувачи кои ќе направат обид да ја пронајдат, да ја одгатнат повеќевековната загатка…
Влезот е бесплатен.