Во рамките на циклусот Музички документарци, вечерва (четврток 15 декември 2011 година), во 20:00 во просториите на Културно – информативниот центар на Србите во Македонија „Спона“ во Скопје, ќе се одржи проекција на документарниот филм „Као да је било некад“ во режија на Душан Весиќ.
Преку сведочењата на пријателите на Милан и неговите колеги, музичари, коментарите на критичарите и историчарите на уметност, ќе проследиме една интересна и потресна приказна за Белград од осумдесеттите години, приказна за уметноста и животот на една прерано созреана генерација. Ќе слушнете многу добра музика која го има обележано созревањето и го има одредено музичкиот вкус на неколку генерации во поранешна Југославија, а која и денес има оставено силен белег на сите кои размислуваат и живеат урбано и слободно.
Милан Младеновиќ е симбол на југословенската рок генерација на осумдесеттите години. Роден е во Загреб, израснал во Сараево, а поголемиот дел од неговиот живот и кариера се поврзани со Белград.
Тој беше еден од основачите на белградскиот нов бран. Пејач, гитарист, композитор и текстописец на групите „Лимуново дрво“,”Шарло акробата”, „Катерина друга“, и фронтмен на „Екатеринa Великa“, една од највлијателните белградски рок – групи од последната деценија на дваесетиот век. Милан ќе остане запаметен и по своите силни морални стандарди кои и понатаму се пример за многумина кои на овие простори се занимаваат со јавна работа.
Милан Младеновиќ почина на 5 ноември 1994 година, во Белград, на 36 годишна возраст.
ПОРАДИ ГОЛЕМИОТ ИНТЕРЕС
На 16 декември, 2011 година. во 20.00 часот по втор пат ќе биде прикажана проекцијата на документарниот филм „Као да је било некад“ во СПОНА.