Утре, (петок, 16 декември 2011 година) во Галеријата на Младинскиот културен центар – МКЦ, ќе биде отворена првата самостојна изложба на Чедомир Петрески.
Рецензија на Конча Пиркоска
…Внатре…Надвор…(Пеењето на фотографијата)
Првата самостојна изложба на фотографии на Чеде Петрески реферира на повеќегодишното синхронизирано дејствување во два различни медиуми кои заемно се проткајуваат. Неговиот безгласно-гласен аудиовизуелен интимен дневник кој носи наслов „…Внатре…Надвор…“ составен е од 25 фотографии. Поделен е во 5 различни тематски циклуси кои жанровски, естетички и семиолошки меѓусебно суптилно кореспондираат.
Без оглед на презентираните мотиви кај Петрески (портрет, телесен фрагмент, цело тело, предмет или урбан пејзаж) фотографијата е, како што ќе рече Ролан Барт (Roland Barthes) „(…)секогаш невидлива, таа не е тоа што се гледа“, зашто фотографијата, чија и да е, претставува само виртуелно присуство, или изминато присуство и знак на отсутноста на конечната вистина. Во фонот, во подтекстот на нејзината нарација, зад нејзините знаци, се крие нешто друго, тајната на некоја неманифестна вистина.
Снимени во студио или во екстериерен амбиент, некои од субјектите или од предметите кои Петрески ги третира во неговите фотографии (особено оние кои се епифанизираат од сенките), кај набљудувачот го предизвикуваат чувството на дистанца, на мистичност, на допир со некоја друга ставрност. Во тишината, која како аура лебдее над неговите црно-бели или колор фотографии, јасно се чувствуваат знаците на присуството на синестезичкиот принцип.
Постојаното вибрирање и пулсирање кое се одвива меѓу двата медиуми, ритамот на музиката и ритамот на сликата се наоѓаат во една постојана флуктуирачка, прелевачка позиција. Освен експлицитно видливото присуство на инструментите во некои од фотогарфиите, другите музички знаци, се дискретни во својата сеприсутност. На еден мошне суптилен, софистициран, речиси кодиран начин, Петрески низ различни варијанти и мотиви, го регистрирал музичкиот петолинискиот систем. Неговото присуство го забележуваме во некои од портретите, во облеката како и во наборите на облеката и накитот, во фрагментите на инструментите, на оградите, тротоарите, пешачките премини, дури и во драматичната игра на прстите од дланките, однoсно насекаде каде што може да ги регистрира само музички и ликовно едуцираното креативно око.
И покрај играта меѓу светлината и сенката кои уште повеќе ја потенцираат ритмичката структура на фотографиите, едноставните, прочистени минималистички третираните мотиви, со својата економична нарација го создаваат внатрешниот хармоничен баланс на фотографиите и на набљудувачот му нудат несекојдневна естетска наслада. Немиот звук и гласната слика кај Петрески заемно се испреплетуваат во своевиден љубовен обред кој се случил во еден, или во мноштво замрзнати мигови на некогашната сегашност. Само времето минато ќе остане да сведочи и да трае како нивна иднина.